ЕП: Хрватите сигурни до нов триумф против Исланд (ВИДЕО)

Се комплетираше второто коло во групите А и Б на Европското првенство.

Домаќинот Хрватска во рамките од групата А ја оствари и втората победа овојпат над Исланд со резултат 29:22.

Кај избраниците на селекторот Лино Червар најефикасен беше членот на македонскиот и европски шампион Вардар, Циндриќ со седум голови (7/9).

Беше следен од Степанчиќ (4/6), вардарецот Игор Карачиќ (4/6), Штрлек (4/6) и Мамиќ (4/5) со по четири голови.

На спротивната страна прв стрелец е Палмарсон со пет погодоци (5/9), а стопроцентен Арнар Гунарсон со четири (4/4).

На вториот меч од истата група Шведска дојде до првите бодови над Србија со 30:25. На табелата со четири бодови водат Хрватите, по два имаат Шведска и Исланд, ниту еден за Србија.

Прва радост на континенталниот собир за Норвежаните во чиј меч го судеа нашите арбитри Николов и Начевски триумфираа против Белорусија (33:28).

Во Пореч блескаа Сагосен (6/7), Бјорнсен (6/8) и Гулеруд (6/6) со по шест погодоци, а во поразените редови пет пати во листата на стрелците се запиша Каралек (5/6).

Во оваа група максимални четири бодови има Франција, по два Норвешка и Белорусија, а на дното се Австријците (0).

Фото: cro2018.ehf-euro.com/Uros Hocevar