Емоционален, но и моќен: Вардар по петти пат на Фајнл-фор во Лигата на шампионите!

Во својот последен настап пред домашна публика сезонава во меч од Лигата на шампионите Вардар не само што го декласираше Митјиланд со 32-25 (17-12) и се пласираше на Ф4 турнирот во Будимпешта, туку уште еднаш ја покажа силата и мотивацијата конечно да стигне до европската титула.

На првиот меч во Данска вардарки победија со 24-23, а ова 13. триумф сезонава во ЛШ. За ракометарките на европскиот првак ова ќе биде петто учество по ред на завршниот Ф4 турнир што досега никому не му успеало. Во вторник е ждрепката за полуфиналните двојки, а Ф4 турнирот се игра на почетокот на мај.

Вардар покажа дека во Данска имаше само лош ден во кој ни требаше долго време за да ја преземеме иницијативата и да направиме пресврт што ќе ни донесе триумф и помирен реванш. Сега во Скопје ништо не беше препуштено на случајот.

Од самиот почеток „црвено-црните“ го преземаа водството и кога поведоа со 8-5 гостинскиот тренер побара тајм аут и не сакаше да им дозволи на домаќините резултатски да се одлепат. И така беше само уште некоја минута. Потоа следуваше серија за водство од „плус 4″, 12-8 и уште една серија од 5-1 за „бегство” на 16-9. Тоа беше знак дека веќе сѐ е решено.

Кај гостинките само Вероника Кристијансен успеваше да најде начин да се протурка низ одбраната, да најде пукнатина и да упати удар што ќе заврши во межата на Лејно или Суслина. Таа во првото полувреме постигна 2/3 од головите на Митјиланд, вкупно 8 од 12-те на тимот.

Во завршницата со две загубени топки и мало опуштање и промена на дел од ракометарките на теренот противникот намали на 17-12, но играта на нашите ракометарки беше на шампионско ниво и со право сите очекуваа во второто полувреме да продолжат Вардарки со исто темпо и добра реализација.

Очекувањата на гледачите брзо се остварија. Вардар продолжи да игра речиси без грешки. Се користеа шансите од контра, дури и со празен гол на гостите кои се обидуваа да најдат решение за домашната одбрана.

Лејно влезе во свој елемент, па она што ќе минеше низ рацете на одбраната беше запрено од нејзе. Митјиланд немаше ниту решение ниту пак идеја како да му се спротистави на Вардар.

Тренерот на данскиот клуб веќе во 45 минута го искористи и третиот тајм аут. Вардар тогаш имаше водство од 25-12, а Митјиланд не успеа ниту еднаш да ја погоди мрежата на Лејно. Кристијансен во 45 минута го постигна првиот гол за гостинките намалувајќи на 25-13. Потоа и гостинските веќе се соземаа од шокот па успеаја да одржат чекор, но разликата остануваше двоцифрена.

Кога веќе беше јасно дека Вардар ќе триумфира и тоа убедливо, малку спласна играта, а тоа го искористи Митјиланд да намали на 32-25 за поставување на конечниот епилог.

Лига на шампиони (жени), четвртфинале

(Прв натпревар Митјиланд-Вардар, 23:24)

Реванш – СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

Вардар-Митјиланд 32:25 (17:12)

Вардар: Лејно (9 одб.), Суслина (3 одб.), Радичевиќ 4, Кликовац 1, Саздовска, Кузнецова 4, Бајрамоска 1, Лазовиќ 1, Пенезиќ 5, Чанаџија 3, Лакрабер 4, Хмирова, Цвијиќ 1, Лекиќ 7, Петровиќ, Ристовска 1.

Фото: zrkvardar.mk