Дибирова: Нема лесни ривали на Ф4, Ростов-Дон покажа дека е сериозен тим!

Руски Ростов е ривалот на Вардар во полуфиналето на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите што на 12 и 13 мај ќе се одржи во Будимпешта.

За „црвено-црните” ова е рекордно петто учество на Ф4 турнирот, а Ростов е дебитант на ваквите натпреварувања. Во второто полуфинале ќе играат ЧСМ Букурешт – Ѓер. Победниците од полуфиналните натпревари ќе играат за златниот медал на 13 мај.

Нема лесни и тешки ривали. Сите се фаворити на Ф4 турнирот во Будимпешта. Немаме никакви потценувања кон екипата на Ростов. Тие досега покажаа дека се сериозен тим. Знаеме точно што не очекува и како треба да играме.

Веќе се сретнавме со нив пред почетокот на сезоната на турнир во Скопје. Најважно е ние добро да играме, да продолжиме со подобрување на формата. Секоја екипа има свои добри и слаби страни. Ние ќе се обидеме да ја подобриме нашата форма и да најдеме начин да го неутрализираме ривалот.

Можеби е добро што нема да играме со Ѓер во полуфиналето, пред сѐ поради домашниот терен. Секако ако сакаме да играме во финале па и понатаму треба да бидеме добри на секој меч. Останува сега добро да се подготвиме“, изјави Ирина Дибирова, тренерот на Вардар.

Да потсетиме, Вардар и Ростон-Дон како подготовка за новата сезона во ЛШ, настапија на вториот женски ракометен турнир што се одржа во СЦ „Јане Сандански“. Кон крајот на август минатата година Ростов-Дон славеше во финалето токму против Вардар со резултат 33:26 (15:14).

Во тимот на Ростов настапуваат воглавно руски ракометарки (најефикасна на тимот досега во ЛШ е Вјахирева со 63 голови), иако треба да се издвојат и имињата како Булатовиќ, поранешните Вардарки Дембеле и Песоа, Бразилката Родригеш Бело…