Чешка ни го згасна сонот: Се имавме во свои раце, на крајот испуштена „златна“ шанса!

Македонската репрезентација го претрпе и вториот пораз во главната фаза на Европското првенство во Вараждин од Чешка со 25:24.

После добрите вести дека Словенија ја победи Шпанија се зголемија апетитите и мотивите уште повеќе за одржување на шансите во полуфиналето.

Се одеше според планираното во текот на дуелот против Чешка, константно имавме разлика од 2 до 4 голови, имавме и највисоки плус пет во второто полувреме со 20:15 на околу 15. минути до крајот, истата позитива ја испуштивме.

Чесите ја казнуваа и користеа секоја наша грешка и нереализиран напад, предноста немилосрдно ни се топеше, Манасков среќно постигна за 23:22 и тоа беше последното водство кое го имавме.

Чесите брзо вратија, Стоилов изнуди пенал, но Лазаров кој беше во составот и изведуваше само седмерци, не беше успешен во својот обид (2/3).

Дојде казната на спротивната страна, на крајот по истекот на 60-те минути имавме и шанса да ремизираме, но Манасков не постигна гол од пенал.

Талески пет пати се запиша во листата на стрелците, по четири имаа Стоилов, Велковски и Миркуловски.

Утре од 18:15 часот ќе го играме последниот трет меч во групата 2 против Данска.

На табелата води Данска со шест бодови, по четири имаат Шпанија, Германија и Чешка, а по три Словенија и Македонија.

В среда ќе играат Данска-Македонија, Словенија-Чешка и Германија-Шпанија.

Фото: twitter.com/EHFEURO