Блескаше Штербик, прва европска титула во историјата за Шпанија! (ВИДЕО)

Шпанската ракометна репрезентација е нов шампион на Европа…

Во големото финале на 13. Европско првенство кое што се одржуваше овој месец во Хрватска ја совлада Шведска со конечен резултат 29:23.

Тоа беше петто финале на евро-шампионатите за Шпанците, а прво злато во нивната историја на континенталните собири.

Најефикасни стрелци во редовите на „црвената фурија“ беа Феран Соле и Давид Балагер со по пет голови, а клучен придонес имаше и голманот на македонскиот и европски првак Вардар, Арпад Штербик кој забележа девет одбрани.

Вториот член на „црвено-црните“ Жоан Канелјас немаше погодоци (0/3), додека поранешниот Вардарец Алекс Душебаев реализираше четири голови (4/8).

Одличен беше и шведскиот чувар на мрежата Микаел Апелгрен кој запиша 16 одбрани, но не беше доволно да се спречи поразот, додека Јеспер Нилсен пет пати се запиша во листата на стрелците.

Претходно во борбата за бронзениот медал, селекцијата на Франција беше подобра од Данска со 32:29.

ЕП Хрватска 2018

Конечен ранкинг:

1.Шпанија
2.Шведска
3.Франција

4.Данска
5.Хрватска
6.Чешка
7.Норвешка
8.Словенија
9.Германија
10.Белорусија
11.Македонија
12.Србија
13.Исланд
14.Унгарија
15.Австрија
16.Црна Гора

Фото: cro2018.ehf-euro/Sasa Pahic Szabo