„5 од 5“ во ЛШ: Вардарки триумфираа над унгарскиот ФТЦ за прво место во групата!

Oдлично прво полувреме, криза во вториот дел и судиски одлуки од страна на Французинките Бонавентура на директна штета на Вардар, вака денеска може да се искоментира дуелот во Унгарија против ФТЦ.

И покрај се, Вардар остана несовладлив во досегашниот дел од прелиминарната фаза во Лигата на шампионите, македонските шампионки победија во Унгарија со конечен резултат 28:29 (12:16) за теоретски да си го обезбедат првото место во својата група и 100% учинок како единствени без пораз во европското натпреварување.

Вардарки одлично го одиграа првиот дел, двоецот Пенезиќ – Лејно повторно беше фантастичен, одиграа одлично прво полувреме со дури 16 дадени погодоци во мрежата на противникот. Првите 7. минути од натпреварот минаа израмнето, односно со само еден гол позитива за Вардар 3:4, резултатската нишалка од еден до два голови во полза на нашиот претставник продолжи се до 15. минута.

Веќе на средината на првиот дел Вардар имаше предност од највисоки плус три 6:9. Следуваше одлична игра на избраничките на тренерот Ирина Дибирова како во нападот така и во одбраната, па така за одбележување беа највисоките плус четири на оваа средба за Вардар во 28. минута со голот на Сара Ристовска. До крајот на првиот дел преку Кузнецова и Хмирова, Вардар успеа да дојде и на високи плус четири, со овој резултат се замина на полувреме. Во првиот дел Лејно имаше осум одбрани, а Пенезиќ шест голови.

Тргнаа одлично и во вториот дел, во 33. минута дојдоа и до највисоката предност од плус шест 12;18. Одличната игра на Вардар продолжи и понатаму, Лејно брилјираше на својот гол па така во 37. минута на семафарот стоеше 14:20.

Со две грешки во серија на Лазовиќ, ФТЦ со два гола во низа успеа да намали на минус четири во 40. минута. Со нови два гола во низа, ФТЦ во 42. минута се доближи и на подносливи три гола разлика, ова беше знак за Дибирова и Парондо да побараат минута одмор.

Конечно, по дури девет минути игра, Вардар преку Хмирова успеа да ја прекине серија на домаќинот. Кризата на Вардар продолжи, па така во 47. минута ФТЦ успеа и да изедначи на 21;21.

Со два гола во серија на Лакрабер, Вардар во 50. минута дојде до нова предност овој пат од плус два. Судиите од Франција во вториот дел имаа неколку грешки кои директно го оштетија нашиот тим.

На пет минути до крајот резултатот беше 25:26. Клучните пет минути и последни на овој меч му припаднаа на Вардар за голема победа и прво место во својата група и теоретски.

Пенезиќ беше најефикасна кај Вардар со девет погодоци, Цвијиќ постигна пет, исто така и Лакрабер погоди пет пати. Воедно во последниот дуел од групата дома против Турингер ќе биде важно во главната фаза да се влезе со максимален број на бодови.

Во следната фаза ЖРК Вардар ќе пренесе најмалку 6 бодови, од кои четири се од дуелите со ФТЦ.

ФТЦ – ВАРДАР 28-29 (12-16)
ВАРДАР: Радичевиќ 4, Кликовац, Саздовска, Кузнецова 1, Лејно, Лазовиќ 1, Мицевска, Пенезиќ 9, Керамичиева, Чанаџија, Суслина, Лакрабер 5, Хмирова 3, Цвијиќ 5, Петровиќ, Ристовска 1.

Лига на шампиони (жени)

Група Ц, 5. коло

ФТЦ-ЖРК Вардар 28:29

Утре: (14:00 ч.) Турингер-Ларвик

Табела:

1.ЖРК Вардар 10 бодови
2.ФТЦ 6
3.Турингер 2
4.Ларвик 0

Последно, 6. коло (двојки):

17. ноември (19:00 ч.) ЖРК Вардар-Турингер
19. ноември (15:00 ч.) Ларвик-ФТЦ