Француска инвазија на Келн: ПСЖ, Нант, Монпелје и ВАРДАР на Ф4 турнирот!

Вечерва и официјално се дознаа сите учесници на Фајнл-фор турнирот во Келн во рамките од машката ракометна Лига на шампионите…

Покрај македонскиот и европски шампион Вардар, познати се уште три екипи кои ќе се борат за трофејот во периодот 26-27 мај 2018 год. во „Ланксес“ Арената.

Едно е јасно, Франција ќе свој претставник во големото финале, бидејќи вкупно три екипи од таа земја ќе играат на Ф4 турнирот, Монпелје, Нант и ПСЖ.

После нерешениот епилог во Германија (28:28), тимот на Монпелје пред своите гледачи со убедлив резултат 29:17 го елиминираше Фленсбург.

Во победничките редови Ричардсон девет пати се запиша во листата на стрелците, следен од Трухановичиус кој имаше седум, а за бундеслигашот пет погодоци запиша Шван.

После триумфот на домашен терен со 33:27, составот на Нант ја одбрани предноста на реваншот во Данска каде што одигра реми 27:27 против Скјерн.

Во редовите на Нант прв стрелец беше Гурбиндо Мартинез со шест голови, а македонскиот интернационалец Кирил Лазаров запиша четири. За данскиот претставник најрасположен беше Сондергаард Саруп.

Лига на шампиони (сезона 2017/2018)

Фајнл-фор турнир (Келн) 26-27 мај 2018 год.

МОНПЕЛЈЕ (ФРАНЦИЈА)
НАНТ (ФРАНЦИЈА)
ПСЖ (ФРАНЦИЈА)
ВАРДАР (МАКЕДОНИЈА)

Според најавите ждрепката за извлекување на полуфиналните двојки ќе се одржи на 2. мај (среда) со почеток од 12:00 часот. Термините на одигрување на полуфиналните борби остануваат исти како и досега, 15:15 и 18:00 часот.