Ростов Дон и Ѓер се новите учесници на Ф4 турнирот во Будимпешта

Денеска покрај Вардар, дознавме уште две екипи кои ќе партиципираат на Фајнл-фор турнирот од Лигата на шампионите во Будимпешта.

Бранителот на титулата, Ѓер по втор пат триумфираше над Будуќност овојпат на домашен терен од реванш четвртфиналето со резултат 30:28.

Далеку најефикасна во унгарскиот тим беше Горбиц со 11 голови, по четири имаа Аморим Талеска и Хансен, додека на спротивната страна за црногорската екипа со девет погодоци доминираше Раичевиќ, три помалку забележа Брновиќ.

Во ист стил доминираше и рускиот состав на Ростов Дон кој и пред своите гледачи со 32:22 го совлада унгарскиот Ференцварош.

Кај домашните ракометарки блескаше десниот бек Вјахирева со седум голови, два помалку запиша десното крило Манагарова. Во поразените редови пет голови имаше Јовановиќ, а по четири Ковачич и Пена Абауреа.

В недела ќе го дознаеме и последниот учесник на Ф4 турнирот, од 17:00 часот ќе играат Мец и ЧСМ Букурешт, а романскиот клуб по првите 60. минути стекна скоро недостижна предност од 34:21.