Може ли Скјерн до ново „чудо“: Лазаров и Нант со предност ќе патуваат во Данска!

Денеска се одигра првиот натпревар помеѓу Нант и Скјерн во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Францускиот клуб после првите 60. минути обезбеди предност и триумф од 33:27 против данската екипа.

Најзаслужни за победата на домаќините беа Балагер Ромеу со осум голови, по шест имаа Клајн и Лагард, а придонес во успехот имаше и македонскиот интернационалец Кирил Лазаров со три погодоци.

На спротивната страна за гостинскиот тим прв стрелец беше Олсон со шест голови, следен од Сондергаард Саруп кој имаше пет.

Се поставува сега прашањето дали може Скјерн (кој го елиминираше Веспрем во осминафиналето) да направи ново големо изненадување и се пласира на Ф4 турнирот во Келн…

Одговорот ќе се дознае на реваншот закажан за 29. април со почеток од 16:50 часот кој ќе го судат Германците Ларс Гејпел и Маркус Хелбиг.

Лига на шампиони (четвртфинале)

Први натпревари, резултати:

Кил-Вардар 28:29
Киелце-ПСЖ 28:34
Фленсбург-Монпелје 28:28
Нант-Скјерн 33:27

Реванш:

28. април ПСЖ-Киелце (17:30 ч.)
29. април Скјерн-Нант (16:50 ч.)
29. април Вардар-Кил (17:00 ч.)
29. април Монпелје-Фленсбург (19:00 ч.)