Македонија никогаш не стартувала со победа на евро-шампионатите! (ФОТО)

В сабота (13. јануари) македонската репрезентација во 19:30 часот ќе го стартува Европското првенство против Словенија во рамките од групата Ц во Арената Загреб.

Веселин Вујовиќ сеуште е херој и легенда во Скопје, но утре македонските навивачи нема да скандираат „Вујо, мајсторе“ како што тоа беше случај додека го водеше Вардар. Но, и во Словенија стана легенда откако на минатото Светско првенство ја одведе својата национална репрезентација до бронзен медал.

На патот до таму ја совладаа Македонија со резултат 29:22 во групната фаза, а две години претходно ги елиминираа нашите ракометари осминафиналето на Мундијалот во Катар.

Единствената победа на Македонија во петте меѓусебни дуели беше онаа преку која се обезбеди место во квалификациите за Летните Олимписки игри 2012 Лондон.

Моментно ривалите ги мачат серија повреди, десниот бек Јуре Доленец, кружниот напаѓач Матеј Габер и левото крило Нико Медвед нема да настапат. Вид Кавтичник – единствениот од составот кој дојде до медал од ЕХФ ЕУРО 2014 е под знак прашалник. Спрема тоа, нема да гледаме двобој помеѓу Лазаров и Доленец.

Секако неопходни се головите на најдобриот стрелец во историјата на евро-шампионатите (61), Кирил Лазаров, но ќе мора да има поддршка и од останатите во намерата да се оствари пласман во следната фаза. На спротивната страна Вујовиќ може да смета на едно од најталентираните крила во светот, Блаж Јанц.

Првите натпревари кои ги имала македонската репрезентација на своите досегашни евро-шампионати:

ЕП 1998

Унгарија-Македонија 29:20

ЕП 2012

Шведска-Македонија 26:26

ЕП 2014

Данска-Македонија 29:21

ЕП 2016

Франција-Македонија 30:23

Фото: cro2018.ehf-euro.com/Nebojša TEJIĆ