ЛШ, Јовиќ: Го плаќаме данокот на неискуство, на Металург му се потребни неколку засилувања!

И претходно помошникот-тренерот на македонскиот вицешампион, Александар Јовиќ истакна дека оваа сезона во однос на минатите неколку, тимот за 20-30% е послаб.

Тоа го покажуваат и досегашните резултати во Лигата на шампионите, каде што претежно се настапува со млади ракометари на возраст од 17-23 години и тие туку што се развиваат и собираат искуство.

После вечерашниот нов пораз во групата Д, тимот од „Автокоманда“ уште повеќе ги намали шансите за второто место кое води во следната фаза, па сега се се сведува на теорија во последните три мечеви.

Без сомнение екипата во ВИП Арена СЦ „Борис Трајковски“ против францускиот Монпеље покажа борбеност и цврстина кои треба да го красат овој состав и во понатамошните дуели од натпреварувањето.

Французите благодарение на нивното поголемо искуство, а уште позначително поголем ростер дојдоа и до седмата победа по ред.

Честитки за победата на Монпеље, го плативме данокот на неискуството. Францускиот клуб е дефинитивно најсилен во оваа група, односно не заслужува да биде во нашата, туку во оние посилните групи А и Б.

Од наша страна се покажавме во добро светло, сепак, постоеше желба, борбеност до самиот крај на што им честитам и на моите играчи.

Како што и претходно сум изјавувал одиме од натпревар во натпревар да се развиваме, напредуваме како тим. Мислам дека второто место не ни беше ниту цел сезонава. За победа вечерва дефинитивно ни беа потревни уште 1-2 играчи за ротирање, а исто така пресудни беа и грешките кои ги направивме во моментите кога требаше да се стигнува резултатот.

Сметам дека ни се потребни неколку засилувања“, изјави на прес-конференцијата, после мечот помошник-тренерот на РК Металург, Александар Јовиќ кој додаде уште дека е прерано да им се дава поголема минутажа на оние што повеќе ја греат клупата како Танкоски, вечерва дебитираше Лазаревски, а за Серафимов голем „залак“ би бил ваков квалитетен противник каков што е Монпеље.