Лазаров пред ЕП: Се е можно во групата, на пр. да загубиме од Словенија, а да ја победиме Германија!

Вечерва македонската машка сениорска ракометна репрезентација го имаше собирот по повод Европското првенство наредниот месец во Хрватска.

Избраниците на селекторот Раул Гонзалез се наоѓаат во групата Ц во Загреб заедно со селекциите на Словенија, Црна Гора и Германија.

Репрезентативецот на Македонија, Кирил Лазаров:

Треба да се соочиме со реалната слика, ова ЕУРО за нас е специфично со оглед на тоа што ќе дојдат голем број на наши навивачи. Рано е да се говори што можеме и колку би дотуркале, ова е само старт на подготовките.

Оваа селекција треба да ја краси еден спој на младост и искуство, да си помогнеме, младите на повозрасните и обратно. Ние постарите ќе го споделиме искуството на оние кои што се развиваат, но секако не треба нив да ги фати и еуфорија.

Исто така, свесни сме дека Европското е поквалитетно и посилно од Мундијалот, мораме да бидеме физички, психички и тактички спремни. Имаме играчи кои се наоѓаат во многу добра форма, се дел од силни клубови, сите заеднички ќе се обидеме да оствариме поволен резултат.

На ова ЕП секој меч ќе биде различен, сметам дека можеме да се носиме со секого во групата. На пример, може да се случи да загубиме од Словенија, но да ја победиме Германија. Но, без разлика кој ривал е пред нас, нема потреба од страв.

Како што ќе доаѓа почетокот на континенталниот собир нормално притисокот ќе се зголемува, но квалитетот постои во репрезентативците, воедно самото раководство, претседател, тренер, секој од нас треба да го даде максимумот“, изјави Лазаров пред медиумите.