Свинарски беше блиску до бронзен медал на СП во Тенерифе

На третиот и четвртиот ден од Светско првенство за кадети, јуниори и помлади сениори до 21 година кое што се одржува во арената „Сантијаго Мартин“ во Тенерифе, Шпанија, репрезентацијата на Македонија имаше свои нови претставници.

На третиот ден најуспешен настап имаше машката Ката репрезентација за кадети и јуниори во состав Георги Бановски, Христијан Димитриевски и Јован Васиќ која беше на чекор до освојување на бронзен медал.

Иако беа поразени на самиот старт од Турција со 5-0, македонската карате тројка успеа преку репасажот да стигне до борба за бронзениот медал. Во првото коло од репасажот Бановски, Димитриевски и Васиќ беа подобри од Естрада, Ферер и Гаона од САД со 3-2, додека во натпреварот за 3–то место беа поразени од Шпанците Гарсија – Рока, Манзана –Диаз и Кесада со 5-0. Својот дебитантски настап на Светското првенство ката репрезентацијата на Македонија го заврши на 5–то место.

Свој настап имаше и женскиот ката тим за кадети и јуниори во состав Владанка Аврамова Ивона Муфтаровска и Миа Маневска кои во првото коло беа слободни, додека во второто беа поразени од Дучиќ, Јерко и Симиќ од Србија со 4-1.

Симона Симовска која што успеа да обезбеди настап во репасажот во категоријата Јуниори – Кумите 59+(ж) загуби во првото коло од Луција Лесјак од Хрватска со 4-0. Симовска настапот на Светското првенство во Тенерифе, го заврши на 9–то место.

На четвртиот ден најуспешен настап имаше Марио Свинарски во категоријата кадети – кумите -57кг. (м) кој беше на чекор до освојување на бронзен медал. Во првото коло Свинарски беше подобар од Мартин Златев од Бугарија со 1-0.

Во второто коло загуби од Русинот Радмир Насиров по судиска одлука. Бидејќи Насиров се пласираше во финалето во оваа категорија, Свинарски доби шанса преку репасаж да се бори за бронзен медал.

Во првото коло во репасажот го декласираше Матиас Николопулос од САД со 6-0. Во второто коло го совлада Матиа Кјаролини од Италија со 1-0, додека во натпреварот за бронза по судиска одлука загуби од Иранецот Алиреза Фарајикоухикели. На крајот Свинарски настапот на Светското првенство го заврши на 5–та позиција.

Пласман во 3–то коло обезбеди Христијан Стојановски во категоријата кадети – кумите -63кг. (м). Во првото коло Стојановски беше подобар од Романецот Кристијан Георге Драган со 3-0. Во второто коло по освојување на клучниот поен Стојановски го совлада Саба Маниа од Грузија, додека во 3–то коло загуби од Матвеј Глишчински од Русија со 2-1.

Настапите во 3–то коло ги заврши и Иво Мишачковски во категоријата кадети – кумите – 70кг. (м). Во првото коло Мишачковски беше подобар од Симон Мовисисјан од Ерменија со 2-0, додека во второто коло го совлада Џозеф Кристи Хориљо од Англија со 3-0. Во третото коло македонскиот каратист беше сопрен од Намиг Гулијев од Азербејџан со 3-0.

До 3–то коло стигна и Моника Пендаровска во категоријата Помлади јуниори У21 – Кумите -55кг. (ж). Во првото коло Пендаровска беше слободна, во второто ја совлада Гузем Бугур од Германија со 1-0, додека во 3-то коло беше поразена од Белорусинката Ирина Шарикина со 3-0.

Во категоријата кадети – кумите -47кг. (ж) свој настап имаше Марија Милева која успеа да стигне до 2–то коло. Во првото коло Милева беше слободна, додека во второто коло беше поразена од Марија Шниченко Миро од Украина со 2-1.

Својот настап во 2–то коло го заврши и Вероника Костовска во категоријата Помлади сениори У21 – кумите -61кг. (ж). Во првата фаза Костовска беше убедлива против Асел Алнаими од Јордан со 8-0, додека во второто коло загуби од Мелика Ахади од Иран со 5-4.

Дритон Халими во категоријата кадети – кумите -52кг. (м) загуби во првото коло од Марко Михајловиќ од Србија со 4-0. Се одржа и свеченото отворање, а на дефилето учествуваа по неколку каратисти од 109 држави кои имаат свои претставници на шампионатот.