Сребро и две бронзи за македонските каратисти на Балканијадата во Белград

На првиот ден на Балканското првенство за деца кое се одржува во Белград, најмладите македонски каратисти освоија едно сребро и две бронзи.

Како втор во кати до 12 години за машки заврши Марко Поптодоров, кој во големото финале беше минимално совладан со 3-2 од Турчинот Севен Јурт Мухамед.

На патот до финалето Поптодоров во 1. беше слободен. Во второто коло го совлада Иван Буљан од Хрватска со сигурни 5-0, а во 3. коло и полу-финалето со 3-2 беше подобар од Србите Урош Дугоњиќ и Марко Ѓуриќ.

Вториот медал во кати на првиот ден од Балканскиот шампион го донесе Нуредин Дервиши, кој беше бронзен во старосната граница до 10 години. Дервиши во првите три кола беше убедлив, совладувајќи ги со по 5-0, Вук Лазаревиќ од Црна Гора, Србинот Џорџе Пауновиќ и Асен Миланов од Бугарија. Во полуфиналето Дервиши го сопре Турчинот Тари Коч со минимални 3-2. Во борбата за 3. место Дервиши го совлада Јаков Васиљ со 5-0.

Бронзен медал во борби во категоријата -40кг. до 10 години освои Аида Ајдини. Ајдини иако уште на самиот старт по судиско изјаснување загуби од Иман Ружниќ од Босна и Херцеговина, сепак со победата исто така по судиско изјаснување во репасажот над Надиде Ајкјуз од Турција, на крајот Балканското првенство го завршува на 3. позиција.

По првиот ден на Балканскиот шампионат за деца во Белград, Македонија се наоѓа на 8. место на табелата за медали, со освоени вкупно три одличја, од кои 1 сребро и 2 бронзи.

Фото: kfm.com.mk