Шаховскиот клуб „Алкалоид“ е новиот европски вицешампион!

Во последното коло на Европскиот Клупски Куп Шаховскиот Клуб „Алкалоид“ за противник ја имаше романската екипа ЧСМ Баја Маре.

За екипата на „Алкалоид“ победи остварија Јаковенко Дмитри на петтата и Јуриј Криворучко на шестата табла. Двајцата се здобија со јасна предност после одиграните отворања и не им дозволија на нивните противници да ја израмнат позицијата.

Партиите на првите четири табли завршија нерешено. Овој резултат беше доволен за екипата „Алкалоид“ да оствари сигурна победа од 4:2.

Со освоени 11 меч бодови (од можни 14) ШК „Алкалоид“ постигна голем успех освојувајќи го второто место. На делба на второто место се најдоа и азербејџанската екипа „Одлар Јурду“ и екипата на „Аве Нови Бор“ од Чешка, но македонската екипа имаше подобар дополнителен критериум. Златниот пехар заслужено го освои руската екипа „Глобус“ со еден бод повеќе, односно 12 меч бодови.

Покрај сребрените медали за екипниот пласман на турнирот, шахистите на „Алкалоид“ постигнаа одлични индивидуални резултати притоа освојувајќи една сребрена и четири златни медали.

Со сребрен медал се закити Динг Лирен кој што направи пет поени од седум партии и го имаше вториот најдобар перформанс на првата табла. Со тоа уште еднаш докажа дека може рамноправно да игра против најсилните светски играчи.

На третата табла сосема заслужено, златен медал освои Дмитри Андреикин со 5,5 поени од седум партии (без пораз) и перформанс од 2786 поени. Со овој резултат заработи осум рејтинг поени.

На четвртата табла, секогаш одличниот, Ју Јангји одигра одличен турнир и освои 5,5 поени од седум партии притоа остварувајќи четири победи и ремизираше трипати.

Ју првпат настапи за ШК „Алкалоид“ во 2015 година, од тогаш има играно три пати на Европски Клупски Куп за екипата на Алкалоид и секоја година освојува медал со идентичен резултат 5,5 поени од седум партии.

Златниот медал на петтата табла му припадна на рускиот велемајстор Дмитри Јаковенко кој исто така освои 5,5 поени од седум партии.

Украинскиот велемајстор Јуриј Криворучко повторно одигра одличен турнир настапуваќи за ШК „Алкалоид“. Тој на шестата табла освои шест поени од можни седум, притоа победувајќи шест партии и ремизирајќи две, без ниеден пораз. Со перформанс од 2784 поени заслужено го освои златниот медал на својата табла.

Фото: chessclubalkaloid.org