Продолжи доминацијата на Германецот: Фетел со пол-позиција во Кина!

Возачот на Ферари дојде до пол-позиција (52. во кариерата) пред трката за Големата награда на Кина во Формула 1 шампионатот.

Во квалификациите Себастијан Фетел имаше најдобро време со резултат 1:31,095 мин. пред неговиот клупски колега Кими Раиконен.

На тој начин германскиот пилот ја продолжи доминацијата од почетокот на сезоната, откако славеше на првите две трки во Австралија и Бахреин.

Од вториот стартен ред ќе тргнат возачите на Мерцедес, Валтери Ботас и актуелниот светски Ф1 шампион, Луис Хамилтон.

Зад нив се пласираа Ферстапен, Рикардо, Хулкенберг, Перез, Сајнц и Грожан. Главната трка ќе се вози в недела во 08:00 часот по средноевропско време.

Во генералниот пласман кај возачите со 50 бодови води Фетел, пред Хамилтон (33) и Ботас (22), а кај конструкторите Ферари има 65 бодови, 10 повеќе од второпласираниот Мерцедес.