Познати учесниците на 41 одбојкарски турнир „Бранко Хаџи Иљоски – Чајка“!

Одбојкарската федерација на Македонија и семејството Хаџи-Иљоски, со поддршка од Агенцијата за млади и спорт, 41. пат ќе го организираат турнирот во одбојка „БРАНКО ХАЏИ ИЉОСКИ ЧАЈКА”, турнир со најголема одбојкарска традиција во нашата земја.

На прес конференцијата свое обраќање имаше директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, кој ја истакна потребата од континуирано одржување на манифестации со долгогодишни традиции.

Овој турнир е празник за одбојката во Македонија и градот Тетово. Традицијата на одржување на овој меѓународен настан на одбојката трае од 1975 година, и е една од најстарите манифестации во Македонија“, истакна Каевски.

Претседателот на организациониот одбор на турнирот, Ивица Хаџи Иљоски се зблагодари за поддршката на Агенцијата за млади и спорт, како и за медиумската покриеност на настанот, поканувајќи ги сите вљубеници на одбојката да бидат дел од овој одбојкарски спектакл во Тетово.

Политиката на турнирот е во секоја година да промовираме посебни групи, како младински или женска тимови, репрезентации, а оваа година акцент ставаме на машката сениорска одбојка.

Од таа причина, покрај ОК Вардар, Универзитетски тим Тетово, ОК Лешок, наши гости ќе бидат и ОК Партизан од Белград“, рече Хаџи Иљоски.

Натпреварите ќе се играат во салата „Млади” во Тетово, на 15 и 16.12.2017.