Нови медали за македонските каратисти од Херцег Нови (ФОТО)

На последниот ден од Балканското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори У21 кое се одржува во Херцег Нови, Карате репрезентацијата на Македонија се закити со 5 медали од кои 2 беа златни.

Првото злато во последниот ден за Македонија го донесе Кумите тимот во женска конкуренција во состав Јањиќ, Костовска, Мојсовска и Пендаровска. Македонските каратистки во големото финале ја совладаа Словенија со 2-0. Претходно на патот до финалето каратистките ги совладаа селекциите на Босна и Херцеговина и Србија.

Со злато се закити и машката ката репрезентација на Македонија во категорија помлади сениори У21. Златото и припадна на македонската селекција бидејќи беше единствена пријавена во оваа конкуренција.

Единственото сребро за Македонија во последниот ден од шампионатот го донесе машкиот ката тим во конкуренција на кадети и јуниори. Македонската екипа во состав Бановски, Димитријевски и Васиќ во големото финале загуби од Србија со 5-0. Претходно ката селекцијата на Македонија ги совлада Хрватска со 5-0 и Словенија со 3-2.

Кумите тимот на Македонија во конкуренција на кадети во состав Давитков, Џамѓозов, Хаџи Кимов, Костов, Мишачковски, Стојановски и Свинарски се закити со бронзениот медал, откако во репасажот со сигурни 3-0 ја совлада романската репрезентација. Претходно во ½ финалето Кадетите загубија од Турција, која е нов балкански шампион.

Со бронза се закити и јуниорски тим во машка конкуренција во состав Џафери, Костов, Мурати, Несторовски, Петков, Смилковски и Весели кои во натпреварот за бронза ја совладаа Словенија со 3-1. Како и кадетите и јуниорите беа поразени од новите шампиони, репрезентативците на Босна и Херцеговина.

Во првото коло својот настап го заврши женската репрезентација во категорија на јуниорки. Македонскиот тим составен од Гафури, Илиевска, Морина и Симовска на самиот старт беше поразен од селекцијата на Словенија.

Во првото коло беше сопрен и женскиот ката тим за кадетки и јуниорки, составен од Димеска, Каламукоска и Талеска загуби од Србинките со 4-1.

Машката кумите репрезентација кај помлади сениори У21 составена од Ацковски, Апостоловски, Махмути, Османи, Спасеновски, Василевски и Заборски својот настап на шампионатот исто така го заврши во 1. коло, каде беше поразена од Косово со 2-1.

Карате репрезентацијата на Македонија, шампионатот го заврши на 2. место на листата на медали веднаш зад Турција, со освоени вкупно 30 медали од кои 9 златни.

Фото: kfm.com.mk