Надал го обезбеди „тронот“ и испиша историја

Најдобриот тенисер на светот Рафаел Надал ќе остане на врвот на АТП листата до крајот на 2017. година…

На тој начин Шпанецот е највозрасниот тенисер кој успеал во тоа откако постои АТП листата од 1973. година.

Исто така, Надал е и првиот тенисер со 30 и повеќе години кој сезоната ја завршува на првото место на листата.

На Шпанецот му беше потребна уште една победа да го обезбеди тронот до крајот на годината и во тоа успеа во 1/16 финалето на Мастерс турнирот во Париз каде што славеше против Кореецот Хјеонг Чунг по сетови 7:5, 6:3 за скоро два часа игра.

Ова е четврти пат што Надал ја завршува годината на првото место, претходно тоа му успеа во 2008., 2010. и 2013. година.

Навистина сум среќен поради тоа. Ова беше возбудлива сезона, минатата година не можев да сонувам дека ќе бидам најдобар на крајот на оваа година“, рече Надал после триумфот над Чунг.

Занимливо е тоа што ова е 14. година во низа на првото место да биде еден од т.н. „Голема четворка“ на тенисот (Надал, Мареј, Ѓоковиќ, Федерер).

Надал на првото место го замени Енди Мареј во август, а оваа сезона дојде до шест титули, од кои две на Грен слем турнирите, а две на турнирите од Мастерс серијата.