Мото ГП: Довициозо славеше во Малезија, шампионот ќе се дознае во Валенсија!

Италијанскиот возач на Дукати тимот, Андреа Довициозо е победник на трката од Мото ГП шампионатот која утрово се возеше на патеката Сепанг за Големата награда на Малезија.

По навистина тешки услови, на влажната патека и по дождливо време, популарниот „Дови“ славеше пред тимскиот колега Хорхе Лоренцо.

Лоренцо на неколку кругови пред крајот беше водечки, но направи грешка, што Довициозо ја искористи, ја презеде водечката позиција и ја задржа до крајот.

Третото место го освои Французинот Жоан Зарко на мотор „Монстер Јамаха“. Уште денеска можеше Маркез да дојде до трофејот оваа сезона, требаше да биде најмалку трет, но дојде до четвртото место што му помогна на Довициозо да ја намали негативата во генералниот пласман на 21 бод.

Последната трка оваа сезона во „кралската“ класа ќе се одржи на 12. ноември во Валенсија (Шпанија), каде што Маркез ќе има значајна предност, но ќе мора да одработи барем солидно возење, за да ја одбрани титулата шампион.

Генерален пласман, Мото ГП 2017:

1.Марк Маркез (Шпанија, Хонда) 282 бодови
2.Андреа Довициозо (Италија, Дукати) 261
3.Маверик Вињалес (Шпанија, Јамаха) 226
4.Валентино Роси (Италија, Јамаха) 197
5.Дани Педроса (Шпанија, Хонда) 185

Кај конструкторите исто така шампионот ќе се дознае по последната трка во Валенсија, води јапонската Хонда со 332 бодови, пред италијанскиот Дукати со 303, а трета е јапонската Јамаха со 301.