МК „Ендуро Тим Водно“ ќе ја претставува Македонија на БМУ европските шампионати!

МК „Ендуро Тим Водно“ од Скопје сезонава по втор пат ќе ја претставува Македонија во меѓународни рамки, сега со посериозен пристап од минатата, кога беше формиран тимот и се беше ново.

Сезонава, екипата ќе настапи со 4-ца возачи во две натпреварувања, за разлика од минатата кога настапи со двајца во едно натпреварување. Нашата екипа ќе се натпреварува во БМУ европските шампионати.

Во брзинскиот шампионат ќе возат Христијан Бузалковски и Игор Спиров, кои што и минатата сезона беа членови на овој клуб. Ќе настапат во категориите до 125 и 600 кубни сантиметри – Бузалковски, односно до 1.000 кубни сантиметри – Спиров. Во мото-крос шампионатот ќе возат Христијан Станковиќ и Виктор Караколев, двајцата во категоријата до 250 кубни сантиметри, во класата MX2.

Во брзинскиот шампионат ќе се возат 13 трки во 7 викенди, во Грција, Романија и Бугарија, а можеби и во Македонија. Ќе се бодува за европскиот, за бугарскиот, за романскиот и за македонскиот шампионат. Во мото-крос шампионатот ќе се возат 7 трки во 7 викенди, ќе се бодува за европскиот и за српскиот шампионат. Можно е да се случи и во Македонија да гледаме неколку ендуро трки.

Изјави од прес-конференцијата:

Христијан Бузалковски

Оваа година ќе биде моја втора во „Ендуро Тим Водно“ од Скопје. Оваа сезона исто како и минатата ќе се натпреварувам во БМУ шампионатот. Ќе бидам првиот Македонец во историјата што ќе се натпреварува во две класи истовремено. Работиме напорно, цела зима се подготвувавме и физички и психички и се надеваме дека ќе дојдеме до одлични резултати исто како и минатата сезона.“

Христијан Станковиќ

Јас сум еден од новите членови на „Ендуро Тим Водно“. Се натпреварувам во клата МХ-2 и МХ Јуниор. Оваа година ќе бидем прв во историјата на Македонија што ќе се натпреварува во европски шампионат во овие класи, каде што ќе се бодува и за балканскиот, за другите национални и за македонскиот шампионат. Ако се обезбедат средства, ќе бидам дел и од грчкиот шампионат. Во српскиот шампионат сакам да освојам златна кацига, затоа што победував минатите две години. Од тимот добив нов мотоцикл и се надевам на повторување и можеби подобри резултати од минатите две сезони.“

Виктор Караколев

Јас сум исто така нов член на Ендуро Тим Водно. Ќе настапувам исто како и претходните две години во МХ-2 класата до 250 кубни сантиметри. Очекувањата ми се да ги подобрам резултатите од минатата година до некаде средината на балканскиот календар. Сезонава ќе настапувам на седум трки кои што ќе се бодуваат за балканскиот шампионат, околку четири до пет за српскиот и за целиот македонски шампионат.“

Владимир Димов, претседател на тимот:

Клубот постои неколку години. Официјално беше промовиран минатата, 2017-та. Членка сме на македонската мотофедерација. Имаме четворица професионални возачи и 20-тина членови кои што возат ендуро мотоцикли. Идејата е оваа година попрофесионално да се претставиме на меѓународната сцена. Набавивме два нови професионални мотоцикли. Се надеваме дека оваа сезона ќе биде многу подобра од лани. Лани имавме огромен успех, во двете класи во кои што возеа нашите натпреварувачи имавме две вицетитули. Оваа година се надеваме барем на една шампионска. Се работи за вложување на сериозни финансиски средства. За разлика од другите тимови минатата сезона ја поминавме најскромно. Возевме со користени гуми што ги купувавме од другите возачи, а остварувавме подобри времиња од нов. Буџет за еден возач се движи до 15.000 евра скромно. Тоа е само за котизации, патни трошоци, гуми, гориво. Без мотоциклот. Се уште нема официјален календар за шампионатите. Во план се по две или три трки во нашата земја, мотокрос и ендуро. Брзински нема да планираме, затоа што немаме патека. Нашиот клуб се пријави за организација а крајниот збор треба да го даде федерацијата. Ендуро трката би се одвивала во близина на воениот полигон Стенковец, додека мотокрос трката има шанса да е одржи на Забел во Куманово или Орман во Скопје.“

Ненад Бошевски, секретар:

Ова ни е втора сезона како ќе се натпреваруваме на меѓународната сцена. Нижеме успеси, се зголемуваме како екипа. Лани бевме доста добри, да не речам и одлични со оглед на тоа што нудат нашите можности. Годинава ќе се потрудиме да одработиме уште подобро. Се стремиме кон европските шампионати, во годините што следуваат. Со резултатите сакаме да ја поттикнеме државата да не поддржи и да помогне да има поголем одзив кај натпреварувачите, односно културата на мотоциклизмот да ја однесеме на повисоко ниво. Оваа година сме посериозни и финансиски и организациски, Агенцијата за млади и спорт не заведе во програмата според која што законски треба да добиеме одредени средства.“