Македонското карате со уште шест медали од Балканското првенство во Турција

Откако на првиот ден беа освоени вкупно пет медали…

Македонските каратисти на вториот ден од Балканското првенство во Истанбул дојдоа до уште шест медали.

Со злато се закитија Емил Павлов во -60кг., Симона Заборска во -55кг., како и женскиот ката тим и машкиот кумите тим.

Сребрена беше Драгана Манговска во -50кг, додека со бронза својот настап во Истанбул го заврши Горан Николовски во -60кг.

Европскиот шампион од 2014 во категоријата -60кг. Емил Павлов својот пат до златото го започна со сигурни победи од по 5-0 во првите две кола против Фуркан Коркмаз од Турција и Луциан Гинеа Андреи од Романија.

Во својата трета борба Павлов го совлада Марко Рукавина од Хрватска со 3-1, а во полуфиналето беше подобар од Ненад Дуловиќ од Црна Гора поради прв освоен поен на резултат 1-1. Во големото финале Павлов победи против Оргес Арифи од Косово со 2-0. Со бронзен медал во категоријата -60кг. Во истата категорија со бронзен медал се закити Горан Николовски. Николовски во главниот ждреб во првото коло беше слободен, во второто го победи Србинот Миљан Чајиќ со 2-0, а во 3. коло беше запрен од сребрениот на шампионатот Оргес Арифи од Косово со 2-0. Во репасажот Николовски ги совлада Дејан Витор од Босна и Херцеговина со 5-3 и Блаж Хрибовсеки од Словенија со 3-2. Во истата категорија настапот во својата прва борба го завршија Шабан Муртиши кој загуби Црногорецот Ненад Дуловиќ со 10-1, како и Ардит Марку кого го порази Словенецот Блаш Хрибовсеки со минимални 1-0.

Емил Павлов се радуваше и на вториот златен медал на овој шампионат во машкиот кумите тим, заедно со Жарко Арсовски, Берат Јакупи, Ненад Келебиќ, Виктор Крстевски, Доан Османи и Петар Спасеновски. Машкиот кумите тим во големото финале ја совлада Босна и Херцеговина со 3-2, а во претходните рунди беше подобар од Србија со 3-0 и Хрватска со 3-1.

Третиот златен медал за Македонија во вториот ден од првенството во Истанбул го донесе Симона Заборска во категоријата -55кг. Заборска во своите први две борби беше сигурна против Анџела Солдо од Босна и Херцеговина со 3-1 и Тугче Демис од Турција со 2-1. Во полуфиналето во македонското дерби ја совлада Јована Георгиева со 2-1, а во финалето беше поуспешна од Црногорката Ана Драшковиќ со 5-1. Георгиева која во полуфиналето загуби од Заборска, на крајот заврши како петтопласирана откако во дуелот за бронзата загуби од Анџела Солдо од Босна и Херцеговина со 2-1. Претходно во главниот ждреб Георгиева беше поуспешна од Дајана Црноглавац од Босна и Херцеговина со 5-1 и од Турчинката Гаје Озјазмачи Бирсу од Турција по судиско изјаснување. Во истата категорија како седмо пласирана заврши Сара Крстевска која по победата од Лилјана Пендиќ од Хрватска во 2. коло, забележа два порази. Прво во 3. коло од главниот ждреб од Ана Драшковиќ од Црна Гора со 1-0, а потоа и од Дуња Максиќ од Србија со 2-1 во првото коло од репасажот. До третото коло во категоријата -55кг. стигна Моника Пендаровска. Пендаровска во 1. коло беше слободна, во второто ја совлада Марија Ротару Кристина со 2-0, а во третот беше сопрена од Турчинката Гулсен Демиртурк со 2-1.

Злато освои и женскиот ката тим на Македонија во состав Маријана и Мишела Димоска и Киријана Камческа. Женскиот ката тим во полуфиналето и финалето со сигурно победи од 5-0 и 4-1 ги совлада тимовите на Турција и Црна Гора.
Како сребрена настапот во Истанбул го заврши Драгана Манговска во категоријата до 50кг. во женска конкуренција. Во големото финале Манговска загуби од Јелена Миливојевиќ од Србија со минимални 1-0. Претходно на патот до финалето Манговска беше подобра од Србинката Славка Петровиќ со 2-0 и Турчинките Фиген Јилдирим со 2-0 и Бејза Унлосој Хумера со 2-1. Во  истата категорија својот настап во својата прва борба го заврши Сара Радичевска, која загуби од Севил Баш од Турција со 2-0.

Како петто пласирани на Балканското првенство во Истанбул завршија и женскиот кумите тим, како и машкиот ката тим. Во главниот ждреб женскиот кумите тим во состав Костовска, Мојсовска и сестрите Стефановски беа подобри од Бугарија и Црна Гора, а во полуфиналето загубија од Хрватска. Во мечот за третото место подобри од нашите девојки беа репрезентативките на Србија. Машкиот ката тим на Македонија во состав Бановски, Васиќ и Димитријевски и покрај поразот од Црногорците во првото коло од главниот ждреб, сепак успеаја да стигна до репасажот и во дуелот за третото место каде беа поразени од хрватскиот ката тим.

Македонија шампионатот го завршува на второто место на табелата за медали, со вкупно 11 освоени одличја од кои шест златни, веднаш зад домаќинот Турција.

Резултатите од Балканското првенство во Турција може да ги погледнете на следниот линк: 

https://www.sportdata.org/wkf/set-online/veranstaltung_info_main.php?active_menu=calendar&vernr=221#a_eventhead

Фото: kfm.com.mk