Македонските каратисти со пет медали на првиот ден од Балканијадата во Истанбул (ФОТО)

Пет медали од кои две златни на каратистите на Македонија на првиот ден од Балканското првенство во Истанбул. Со златен медал се закитија Берат Јакупи во -84кг. и Мурсел Мисини во -75кг.

Сребрена беше Вероника Костовска во -61кг., а во истата категорија со бронза ја освои Наташа Стефановска. Во -75кг. покрај златото на Мисини, бронза освои и Азиз Исмаил.

Европскиот вицешампион од минатата година во категоријата -84кг. Берат Јакупи својот пат до златото го започна со минимални победи од 1-0 во првите две кола против Словенецот Матија Матијевиќ и Алвин Караџи од Косово.

Во 3. коло Јакупи беше подобар од Србинот Анастасиос Ентерос со 2-1, а во полуфиналето беше убедлив против Хрватот Звонимир Живковиќ со 4-0.

Во големото финале Јакупи со уште една сигурна борба и победа од 6-1 над Црногорецот Никола Маловиќ се радуваше на балканската титула.

Во истата категорија свој настап имаа и Петар Спасеновски и Виктор Крстевски кои загубија во својата прва борба. Спасеновски беше поразен од Анес Чонго од Босна и Херцеговина со 2-0, а Крстевски загуби од Звонимир Живковиќ од Хрватска со 2-1.

Второто злато за Македонија на првиот ден од Балканското првенство го донесе Мурсел Мисини во категоријата -75кг. кој во големото финале по судиско изјаснување го совлада Блодин Пакаштица од Косово.

Во својот пат до финалето Мисини беше подобар во првото коло по судиско изјаснување од Турчинот Атес Доган, во второто коло од Марин Бркиќ од Босна и Херцеговина со 2-0, Бугаринот Стефан Петков со убедливи 8-0, а во полуфиналето беше подобар од вториот македонски претставник во оваа категорија Азис Исмаил со 4-1.

Исмаил по поразот од Мисини во ½ финалето во репасажот го совлада Марин Бркиќ од Босна и Херцеговина со 2-1, со што и донесе бронзен медал на Македонија. Претходно во главниот ждреб Исмаил ги совлада Ригенс Керчуку од Албанија со 5-0 и Јусуф Суљич од Босна и Херцеговина со 5-1.

Во -67кг. свој настап имаа и Петар Заборски и Доан Османи. Заборски во 1. коло беше слободен, во второто го совлада Озбај Ибрахим Хаки од Турција со 2-0, а во 3. коло по судиско изјаснување загуби од Албанецот Беким Баша. Доан Османи својот настап го заврши на самиот старт, каде беше поразен од Менсур Џозиќ по судиско изјаснување, при резултат 4-4.

Првиот сребрен медал за Македонија на првенството во Истанбул го донесе Вероника Костовска во категоријата до 61кг. Костовска во финалето во оваа категорија загуби од Бугарката Ивет Горанова со 3-0. Претходно во 1. коло Костовска ја совлада Дијана Миљаниќ од Црна Гора со 2-1.

Во втората своја борба ја декласираше Ајбуеке Пунар Нур од Турција со 7-1, а во 3. коло по судиско изјаснување ја победи Делфина Тадиќ од Босна и Херцеговина. Во полуфиналето Костовска беше убедлива против Србинката Наталија Станојевиќ со 6-0.

Во истата категорија на бронзениот медал се радуваше Наташа Стефановска. Во полуфиналето исто како и Костовска во финалниот меч, Стефановска беше сопрена од Бугарката Ивет Горанова со минимални 1-0. Во натпреварот за бронзениот медал Стефановска поради прв освоен поен беше подобра од Црногорката Јелена Максимовиќ.

Во главниот ждреб Стефановска ги совлада Аделина Рама од Косово по судиско изјаснување и Милица Гарибовиќ од Србија со 6-0.

Фото: kfm.com.mk