Македонските каратисти без медал од Светското првенство во Тенерифе

На последниот ден од Светско првенство за кадети, јуниори и помлади сениори до 21 година кое што се одржува во арената „Сантијаго Мартин“ во Тенерифе, Шпанија, карате репрезентацијата на Македонија имаше шест претставници.

Најуспешен настап имаше Ангела Мојсовска во категоријата помлади сениори У21 – кумите -68кг. (ж) која успеа да стигне до 4–то коло. Во првата фаза Мојсовска беше убедлива против Ралука Бачиу од Романија со 9-0. Во второто коло ја совлада Јелена Калајџиќ од Австралија со 2-0, додека во третото беше подобра од Диелза Урули од Швајцарија со 2-1. Во 4–то коло Мојсовска загуби од Фериал Абделазис од Египет со 6-0.

Својот настап во 3–то коло го заврши Давид Петков во категоријата помлади сениори У21 – кумите -60кг. (м) Петков во првото коло беше убедлив против Силвестре Родас од Боливија со 9-4. Во второто коло го совлада Фабрицио Виндрола од Перу со 1-0, додека во својата трета борба загуби од Шпанецот Анхел Циснерос Медина со 4-0.

Пласман во 3–то коло забележа и Димитар Илиевски во категоријата помлади сениори У21 – кумите -67кг. (м). Илиевски во 1–то коло беше слободен. Во второто беше сигурен против Палестинецот Мотаз Дарагма со 3-0, додека во 3–то коло загуби од Хозе Валдивија од Перу со 8-0.

Семир Ќосовиќ во категоријата помлади сениори У21 – кумите 84+кг. (м) исто така успеа да стигне до 3–то коло. Во првата фаза Ќосовиќ беше подобар од Рикардо Оливарес Пино со 2-0. Во второто коло по судиска одлука го совлада Швеѓанецот Себастијан Брајиќ, додека во 3–то коло беше поразен од Србинот Богдан Трикош со 2-0.

Во категоријата помлади сениори У21 – кумите -75кг. (м) Петар Заборски стигна до 2–то коло. Во 1–та фаза Заборски беше слободен, додека во второто коло загуби од Лубош Џацовски од Словачка со 3-0.

Петар Спасеновски во категоријата помлади сениори У21 -84кг. (м) загуби во првото коло од Иранецот Махди Махани Гараризадех со 8-2.

Карате репрезентацијата на Македонија настапот на Светското првенство во Тенерифе, Шпанија го заврши со освоени две пети места. Марио Свинарски во категоријата кадети – кумите -57кг. (м) и машката ката репрезентација за кадети и јуниори во состав Георги Бановски, Христијан Димитриевски и Јован Васиќ.