Македонија со 15 медали на меѓународниот турнир по повод 50 години карате

Карате федерацијата на Македонија, со организирање на турнирот Трофеј Македонија го одбележа Златниот јубилеј – 50 години карате во Македонија.

Турнирот по повод јубилејот се одржа во Малата сала при ВИП Арената Борис Трајковски во Скопје. На трофеј Македонија присуствуваа околу 80 каратисти од 8 земји учеснички.

Покрај карате репрезентативците на Македонија на турнирот присуствуваа и каратисти од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово, Србија, Хрватска и Црна Гора. Врховен судија на Трофеј Македонија беше Словенецот Примож Дебенак, кој е член на судиската комисија на Светската карате федерација.

Турнирот го отвори претседателот на Карате федерацијата на Македонија, Драган Стојановски, кој во воведното обраќање го честиташе Златниот јубилеј на сите присутни на настанот. Покрај претседателот на Карате федерацијата на Македонија.

Свое обраќање имаа и генералниот секретар на Европската карате федерација (EKF) Стјепан Челан, кој е член и на Извршниот комитет на Светската карате федерација (WKF) и претседател на Карате сојузот на Хрватска, како и генералниот секретар на Карате федерацијата на Балканот Славољуб Пипер, член на Извршниот комитет на Европската карате федерација (EKF) и претседател на Карате сојузот на Србија.

Покрај споменатите присутни беа и претседателот на Карате федерацијата на Бугарија Алексеј Петров, на Албанската карате федерација Петрит Баба, како и претседателите на Карате федерациите на Црна Гора и Босна и Херцеговина Владимир Јоковиќ и Мујо Гец.

На турнирот присуствуваа и д-р Васил Тупурковски претседател на Македонскиот олимписки комитет, најдобриот спортист на Македонија на 20 век, борачот Шабан Трстена, најдобриот тренер на 20 век на Македонија Насе Насев, како и легендарниот боксерски тренер Живко Дуковски, кој е основоположник на Златниот Гонг кој се организира од далечната 1969 година.

Свое присуство имаа и поранешните претседатели на Карате федерацијата на Македонија, Александар Нацевски, Славе Пашоски, Горан Мијоски и Јован Лазарев.

Со најмногу медали на Трофеј Македонија се закити репрезентацијата на Македонија која освои вкупно 15 одличја од кои 6 беа златни. По карате репрезентацијата на Македонија следуваше Црна Гора со 4 златни и 1 бронзен медал. На 3. место заврши Косово со вкупно 6 медали.

Турнирот беше организиран по највисоки меѓународни стандарди со користење на видео ревју, како што е пракса на Европските и Светските првенства.

Целосните резултати од турнирот Трофеј Македонија можете да ги проследите на https://www.sportdata.org/karate/set-online/veranstaltung_info_main.php?active_menu=calendar&vernr=3604#a_eventhead

Трофеј Македонија беше пренесувана во живо на олимпискиот „yоu tubе“ канал на Македонскиот олимписки комитет.  
https://www.youtube.com/watch?v=yR8cueSsYoQ
https://www.youtube.com/watch?v=q7v674aLhpU