Казната го оддалечи од титулата: Стефановски осмопласиран на првата трка во Мост! (ВИДЕО)

Македонскиот возач ги загуби сите шанси да дојде до својата прва титула во рамките од ЕТЦЦ шампионатот што е под капата на ФИА.

Поради предизвикување судир Игор Стефановски доби казна и на првата трка во Мост (Чешка) го освои осмото место во генералниот пласман.

Во текот на трката одлично стартуваше нашиот „Иџе“, но во шестиот круг го удри Фулин и затоа доби казна и помине низ „боксот“.

Стефановски со својот „СЕАТ“ го презеде водството, но брзо мораше да ја одработи казната. Се врати на осмото место, што му донесе пол-позиција за втората трка, но ја загуби и последната надеж дека може да се бори за титулата.

На оваа прва трка триумфираше Бугаринот Пламен Кралев во едно ладно и ветровито време, а и понатаму е неизвесно кој ќе дојде до трофејот оваа сезона, во игра останаа тројца натпреварувачи, тие се: Фулин, Наѓ и Шрајбер.

Фулин има сега 70 бодови, три повеќе од Наѓ, Шрајбер 64, а Стефановски остана на четвртото место со 56. Втората трка е закажана од 12:30 часот по локално време со директен пренос на „Еуроспорт 2“.