Хамилтон вознемирен: Страшни сцени во Бразил, кражба и вперени пиштоли кон тимот на Мерцедес!

Како што и објави на својот Твитер профил, Формула 1 шампионот од Велика Британија, вели дека вакви немили сцени се случуваат секоја година во оваа јужноамериканска држава.

Членовите на Мерцедес, за кој настапува и Луис Хамилтон, доживеаја голема траума пред Големата награда за Бразил оваа сезона, откако според информациите кон неколку членови биле вперени пиштоли.

Сето ова се случувало кога неговите колеги ја напуштале патеката во Сао Паоло во петокот навечер.

„Кон некои мои колеги беше вперен пиштол во глава. Се слушна и пукање. Ова е навистина загрижувачки. Ве молам, молете се за моите момци, иако се професионалци, бидејќи се многу потресени. Ова секоја година се случува во Бразил“, истакна Хамилтон.

Претставниците на Мерцедес рекоа дека се украдени скапоцени работи, но дека најважно е што сите се сигурни и безбедни.

На истиот пат каде се случила и кражбата во Мерцедес, нападнати и се и претставници на ФИА. Разбојниците се доближиле кон автомобил во кој се наоѓале луѓето од Светската автомобилистичка федерација и се обидувале да го скршат стаклото, но возилото било заштитено и отпорно на секаков вид физички напад, па напаѓачите избегале.

Зад ова возило се наоѓало и автомобилот каде што биле членовите на Вилијамс, но се се помина безбедно. Досега нема никаква информација за повредени лица.

Што се однесува до спортскиот дел, потсетување дека Хамилтон во Мексико Сити веќе ја обезбеди Ф1 титулата за 2017-та.