Хамилтон ја освои четвртата шампионска титула во Формула 1

Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон ја освои четвртата шампионска титула во Формула 1…

На Големата награда на Мексико дојде до деветтата позиција, а победник на трката беше Макс Верстапен од Ред Бул.

Хамилтон пред оваа трка имаше 66 бодови предност и за титулата му беше потребно да се пласира помеѓу првите пет, без оглед на резултатот на ривалот Себастијан Фетел од Ферари, или да ја заземе било која позиција, а Германецот да не биде помеѓу првите двајца.

Во првиот круг Фетел го удри Хамилтон, двајцата заминаа во „бокс“, во кој подолго се задржа Британецот, па возеше од последното место, а неговиот ривал беше неколку позиции понапред.

Хамилтон на крајот дојде до деветтото место, а Фетел заврши четвртопласиран, што му беше доволно на Британецот за шампионската Ф1 титула.

На две трки до крајот на сезоната 2017 Хамилтон има недостижни 56 бодови повеќе од Фетел, а да потсетиме дека за победа се добиваат 25 бодови.

Верстапен триумфираше во Мексико и ја оствари втората победа во сезоната, а трета во кариерата. Второто место го освои Валтери Ботас од Мерцедес, а трет е Кими Раиконен (Ферари).

Наредната трка ќе се вози на 12. ноември за Големата награда на Бразил, а сезоната ќе заврши на 26. ноември на патеката во Абу Даби.