Ф1: Нова пол-позиција за Фетел на квалификациите во Баку! (ФОТО)

Возачот на Ферари денеска ја освои пол-позицијата пред трката за Големата награда на Азербејџан…

На квалификациите Себастијан Фетел доминираше во главниот град Баку со најбрз круг од една минута и 41,498 секунди.

На Германецот во првиот стартен ред ќе му прави друштво светскиот шампион во Формула 1 натпреварувањето и најголем ривал, пилотот на Мерцедес, Луис Хамилтон кој заостана 179 илјадити делови од секундата.

Како трет ќе започне вториот возач на Мерцедес, Валтери Ботас, следуваат Рикардо и Ферштапен од Ред Бул, па вториот возач на Ферари, Раиконен кој пак беше најбрз во вториот квалификациски „круг“.

Главната трка ќе биде в недела од 14:10 часот, а да потсетиме минатата година на улиците во Баку триумфираше Даниел Рикардо.

Кај возачите во генералниот пласман после три трки оваа сезона води Фетел со 54 бодови, пред Хамилтон (45), Ботас (40), Рикардо (37)…, а кај конструкторите во Топ 3 се наоѓаат Мерцедес (85), Ферари (84) и Ред Бул (55).