Ендуро Тим Водно: Бузалковски со прва победа сезонава во Бму Европскиот шампионат!

Клубот МК Ендуро Тим Водно овој викенд беше учесник на неколку натпревари во различни категории…

Викендов се возеше првата трка во Бму Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам која се одржа во Серес, Грција.

Христијан Бузалковски се натпреваруваше во две класи, во класата СП125 и во класата Ф600 каде беше дебитант. На квалификациите во класата Ф600 имаше фантастично трето време во конкуренција на 22 возачи. Но, на првата трка неговиот мотоцикл се расипа, па тој беше принуден да влезе во боксот.

И покрај обидите на механичарите Бузалковски не успеа да го оспособи мотоциклот и првиот викенд во класата F600 за жал го заврши без пласман.

Во класата SP125 на првата трка стартуваше одлично и направи предност од една секунда, но по удар во асфалтот му се искриви шалтерот за менување, па мораше да менува брзини со рака.

На крајот на првата трка и покрај проблемите со мотоциклот тој заврши на втората позиција. На втората трка возеше одлично, без никакви проблеми и заслужено ја забележа првата победа во сезоната.

Во категоријата мотокрос Ендуро Тим Водно овој викенд се претстави со двајца возачи кои што ја возеа првата тка за Српскиот Шампионат која се одржа во Крушевац.

-Во класата МХ2 Христијан Станковиќ се квалификуваше на второто место на само 0,6 секунди од прво квалификуваниот.
-Во класата МХБ Виктор Караколев беше квалификуван на седмата позиција во конкуренција од 25 возачи.

Во неделата се возеа две трки, на првата трка Христијан Станковиќ ја задржа истата позиција од квалификациите и трката ја заврши на второто место.

Во втората трка во голема борба со конкуренцијата успеа да се избори за победа и заврши на првото место. Виктор Караколев на трката во класата МХБ ја задржа истата позиција од квалификациите и трката ја заврши на седмото место.

Ова најавува одличен почеток на сезоната за Мото Клубот Ендуро Тим Водно од Скопје.