Балканско првенство: Македонските каратисти со 12 медали, од кои 5 златни! (ФОТО)

Најуспешен ден во историјата на Карате репрезентацијата на Македонија на Балканските првенства, откако македонските каратисти освоија вкупно 12 медали од кои 5 беа златни.

И на вториот натпреварувачки ден, имаше дисциплина во која двајца македонски каратисти се сретнаа во големото финале. Во категоријата Кумите јуниори -55 килограми Столе Смилковски го освои златото со победата над Абдурахим Идриз од 2-0. Смилковски патот до финалето го започна со триумф над Един Пешкиќ со 1-0.

Во 2. коло го совлада Хрватот Ивор Бабиќ со 4-0, додека во ½ финалето беше подобар од Страхиња Бранковиќ од Босна и Херцеговина со 3-0. Идриз пак во 1. борба го совлада Словенецот Скотник, во 2. коло беше подобар од Лацковиќ од Хрватска, додека во ½ финалето победи против Аговиќ од Босна и Херцеговина.

Во оваа категорија Македонија имаше претставници и во Дритон Халими и Нејази Хамиди кои настапот го завршија во 2. коло.

Марио Свинарски се закити со златен медал во категоријата Кумите кадети -57 килограми откако во големото финале славеше над Мартин Златев со 3-2.

До големото финале Свинарски стигна со победите над Садиковиќ од Црна Гора, Меровчи од Косово и Србите Спасковски и Радојчин. Во истата конкуренција свој настап имаа и Јасин Гафури кој стигна до 3. коло како и Роберто Здравкоски и Илир Бајрами кои загубија уште во првата своја борба.

Со победата над Дејан Јањиќ од Босна и Херцеговина од 3-0 со злато се закити и Христијан Стојановски во категоријата Кумите кадети -63 килограми.

На патот до финалето Стојановски ги совлада Сахити од Косово, Тодоров од Бугарија, Махмутовиќ од Босна и Херцеговина како и Словенецот Кершиќ. До 2. коло во истата категорија стигнаа Омер Муслији и Глигор Хаџи Кимов, додека во 1. коло беше сопрен Дин Машовиќ.

Четвртото злато за Македонија на 2. ден од шампионатот за Македонија го донесе Фахик Весели во категоријата Кумите јуниори -61 килограм. Во 1. и 2. коло Весели беше убедлив против Хаџиќ од Босна и Херцеговина и Зидар од Словенија.

Во 3. борба по судиска одлука го совлада Турчинот Атес, а во ½ финалето со минимални 3-2 го победи Србинот Петровиќ. Во големото финале по тешка борба Весели беше подобар од Дрен Хајдари од Косово со 1-0. Во оваа категорија во 2. коло од репасажот загуби Усаме Бајрами, Дауд Рамадановски беше сопрен во 3. коло, додека на самиот старт настапот го заврши Ристе Цветков.

Одличниот ден за македонското карате го потврди и златниот медал на Доан Османи во категоријата помлади сениори У21 -75 килограми. Во финалната борба Османи го совлада Црногорецот Никола Маловиќ со 5-3.

Претходно Османи ги совлада во 1. коло Бабиќ од Црна Гора, во 2. коло Шабани од Косово, во 3. коло Бркиќ од Босна и Херцеговина и во ½ финалето Србинот Љубиша Мариќ. Петар Заборски беше сопрен во 3. коло, Додека во 2. коло настапот го завршија Степан Костиќ и Глигор Станоев.

Две медали Карате репрезентацијата на Македонија освои и во конкуренција на Кумите помлади сениори У21 до 60 килограми. Давид Петков несреќно загуби во големото финале против Црногорецот Ненад Дуловиќ со одлучувачки поен. На патот до финалната борба Петков беше убедлив против Вардалиќ од Босна и Херцеговина, Романецот Ламбреа и Красничи од Косов. До бронзениот медал со убедлив триумф од 6-0 против Романецот Памфил стигна Ардит Марку кој во ½ финалето беше сопрен од новиот балкански шампион, Црногорецот Дуловиќ.

Сребро за Карате репрезентацијата на Македија донесе и Константин Василевски кој во неизвесен натпревар во големото финале во помлади сениори У21 -67 килограми загуби од Хрватот Лука Кондиќ со 4-3. До мечот за златниот медал Василевски ги совлада Кручеру од Романија, Ченај од Косово, Халиловиќ од Босна и Херцеговина и Дениз од Турција. Роберто Ацковски беше сопрен во 3. коло, додека настапот во 2. коло го завршија Стефан Апостоловски и Адријан Махмути.

Бронзен медал на шампинатот освои Кумите тимот во категорија на Кадетки, составен од Петровска, Милева, Јовановска и Божиновска. Иако нашите каратистки беа поразени уште во 2. коло од Хрватскиот тим со 2-1, сепак со победите во репасажот над Бугарија со 2-0 и Косово со 2-1 донесоа нова бронза за карате репрезентацијата на Македонија.

И Филип Несторовски стигна до бронзениот медал, откако во репасажот ги совлада Ранчев од Бугарија со 2-0 и Бурлак од Словенија со убедливи 6-2. Претходно несторовски во 3. коло беше сопрен од новиот балкански шампион Турчинот Самед Гок со 2-0. Во првиот првата борба во оваа конкуренција својот настап го завршија Мухамед Доловани, Томи Костадинов и Марио Ацкоски.

Со бронза се закити и Кренар Џафери во категоријата Кумите јуниори +76 кг. Иако Џафери загуби уште во второто коло од Хамза Чајиќ од Босна и Херцеговина со 6-0, сепак со победите во репасажот над Иван Пехар од Хрватска, Митар Поповиќ од Црна Гора и Јан Брезоцник од Словенија успеа да стигне до 3. место на шампионатот. Во 2. коло настапот во оваа дисциплина го заврши Наум Јованов, додека на самиот старт беа поразени Бојан Иванов и Вегим Мурати.

Шуајб Рамадани Балканскиот шампионат го заврши на 5. место во категоријата Кумите кадети -52 килограми, откако во репасажот во мечот за бронзата загуби од Романецот Ремус Бурчеа. До дуелот за 3. место Рамадани стигна со победите над Србинот Станојевиќ, Јорданов од Бугарија и Беговиќ од Босна и Херцеговина. Во истата категорија свој настап имаа и Дамјан Павловски кој стигна до 2. коло, како и Бојан Костов кој беше поразен на самиот старт.

Како 5. пласиран заврши и Иво Мишачковски во Кумите кадети -70 кг. откако во дуелот за бронзата загуби од Турчинот Хасан Арслан. Турскиот каратист во претходното коло од репасажот го совлада и нашиот втор претставник во оваа категорија Фисник Јонузи. Во првото коло од репасажот во Кумите кадети – 70 килограми беше поразен и Љубомир Давитков. Свој настап во категоријата имаше и Дарко Костов кој загуби уште на самиот старт од Црногорецот Алберт Рудовиќ.

Глигор Петков шампионатот во Херцег Нови го заврши на 5. место откако во натпреварот за бронзата во категоријата Кумите јуниори -68 кг. загуби од Елдин Хајдарпашиќ со 3-1. Претходно иако загуби уште во првото коло од Црногорецот Бојан Бошковиќ, преку репасажот и победите над Илиќ од Србија и Лашиќ од Босна и Херцеговина успеа да стигне до натпреварот за бронза. Во оваа дисциплина настап имаа и Мевлуд Мемеди кој што стигна до 3. коло, Марко Костов беше сопрен во 2. коло, додека Мики Живков загуби уште на самиот старт.

Македонија на Балканското првенство имаше свои претставници и во категоријата Кумите кадети +70 килограми. Во 1. коло од репасажот Бериз Куртановиќ беше поразен од Србинот Лазар Вујовиќ со 1-0. До 3. коло стигна Димитар Шаламанов кој по победите над Клобаса од Словенија и Сандро Крешиќ од Босна и Херцеговина, загуби од Бугаринот Роберто Петров, додека во 1. коло беа сопрени Бобан Џамѓозов и Славе Ефремов.

Единствениот македонски претставник во категоријата помлади сениори У21 -84 килограми Петар Спасеновски настапот го заврши во својата прва борба, каде беше поразен од Предраг Смоловиќ од Црна Гора со 3-1. А истата судбина ја доживеа и Аднан Ватиќ во помлади сениори У21 +84 килограми кој загуби од Лука Крамар од Босна и Херцеговина со 4-0.

По два натпреварувачки дена Македонија на табелата за медали се наоѓа на 2. позиција зад Србија со освоени вкупно 25 медали од кои 7 златни.

Фото: kfm.com.mk