Ацковски стигна до 4 коло на Светското првенство во Тенерифе!

На вториот ден од Светско првенство за кадети, јуниори и сениори до 21 година кое што се одржува во арената „Сантијаго Мартин“ во Тенерифе, Шпанија, во девет дисциплини карате репрезентацијата на Македонија имаше осум претставници.

Најуспешен настап во машка конкуренција имаше Роберто Ацковски во категоријата Јуниори – Кумите -68кг. кој успеа да стигне до 4–то коло. Во првата рунда Ачковски беше подобар од Цезар Таварес од Венецуела со 1-0.

Во второто коло со истиот резултат го совлада Хрватот Леон Томљановиќ, додека во третата рунда по нерешен резултат прв успеа да освои поен против Мохамед Ал Малки од Саудиска Арабија. Ацковски беше на чекор и до пласман меѓу најдобрите четири, бидејќи во 4–то коло на три секунди до крај имаше предност од 6-4 против Казахстанецот Абилмансур Батир гали, но поради добиена четврта опомена за избегнување на борба заработи дисквалификација поради која нема да добие право за настап ниту во репасажот.

Во женска конкуренција пак најуспешна беше Симона Симовска во категоријата Јуниори – Кумите +59 кг. (ж) која и покрај поразот во второто коло од Казахстанката Софија Берулцева со судиска одлука, успеа да обезбеди репасаж, бидејќи казахстанската каратистка успеа да обезбеди пласман во големото финале. Во првото коло Симовска прва успеа да го освои клучниот поен против Белорусинката Марија Аликсеева. За прва противничка во утрешниот репасаж Симовска ќе ја има Луција Лесјак од Хрватска.

Во категоријата Јуниори – Кумите -53 кг. (ж) Драгана Манговска успеа да стигне до 3–то коло. Во првата рунда нашата каратистка беше слободна, во второто коло беше подобра од Ери Арапоглу од Грција со 2-0, додека во третото коло загуби од Аири Шима од Јапонија.

До 3 – то коло стигна и Столе Смилковски во категоријата Јуниор – Кумите -55 кг. (м). Смилковски во првото коло исто така беше слободен, во својот втор натпревар по судиска одлука го совлада Самвел Ајдињан од Ерменија, додека во 3–то коло по судиска одлука беше сопрен од Јапонецот Масаки Јамаока.

Во категоријата Јуниори – Кумите -59кг. (ж), Вјолца Гафури беше сопрена во второто коло. Во првата рунда Гафури беше слободна, додека во 2–то коло беше поразена од Белорусинката Марока Азарова со 2-0. Во второто коло својот настап го заврши и Вегим Мурати во дисциплината Јуниори – Кумите +76кг. Откако во првата рунда беше слободен, во второто коло Мурати беше совладан од Србинот Михајло Арсовиќ со 3-0.

Во првото коло своите настапи ги завршија Фахик Весели во категоријата Јуниори – Кумите -61кг. (м), кој беше совладан од Омар Ал Наџар од Јордан со 5-3 и Филип Несторовски во категоријата Јуниори – Кумите -76кг. кој беше поразен од Словакот Ади Џурик со 1-0.