Вардар без Муслиу во Анталија, Велковски пред трансфер во Риека!?

Како што пренесува „vardarfans.mk“, македонскиот фудбалски шампион се соочува со сериозни проблеми пред стартот на зимските подготовки.

Дефинитивно од таборот на Вардар по Николов (унгарски Видеотон) заминува уште еден квалитетен играч. Висар Муслиу не отпатува со екипата во Турција што е доволен знак дека и репрезентативецот ќе си замине од таборот на „црвено-црните“.

Во Анталија исто така не замина ниту Петар Петковски, тренерот Јаневски ќе го испрати офанзивниот играч на позајмица.

Од друга страна сеуште е нејасно зошто Фелипе го нема на подготовките со екипата. Со оглед на тоа какви ветрови дуваат последните неколку денови во Вардар, се стравува дека и Бразилецот би можел да ја промени средината.

Во Анталија е само еден играч на проба, а тоа е анонимниот Оједа од Аргентина. Да додадеме уште дека според литванскиот медиум „futbolas.lt“ Вардар е заинтересиран за литванскиот интернационалец Артурас Жулпа.