У21: Пораз и од Австрија, ЕУРО 2019 останува само теорија!

Денеска во својот шести натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство во Италија 2019. година…

Нов пораз (вкупно петти) во овој циклус претрпе македонската фудбалска репрезентација до 21. година овојпат на гостувањето кај Австрија со 2:0.

На овој меч надежите не беа предводени од селекторот Благоја Милевски кој доби суспензија од еден меч поради неговите реакции на судиските одлуки од претходниот дуел во Скопје против Русија, откако не му беше дозволено во последните минути од дуелот со Русија да направи замена во тимот, иако имаше два прекини и можност да се направи замената.

Немаше голови во првото полувреме, но во второто австриските надежи дојдоа до трите бода благодарение на двара голови на Матијас Хонсак (65. мин., 73 мин.) после асистенциите на Арнел Јакуповиќ.

Од статистички аспект домаќините имале целосна контрола и доминација на теренот, имале вкупно 18 обиди од кои седум во рамките на нашиот гол. Македонија од вкупно пет обиди, само еднаш успеа да шутне во рамките на противничкиот гол.

У21 Македонија: Јанков, Стојановски, Садики, Личина, Аломеровиќ, Попзлатанов, Костадинов (Абаз 82), Здравковски, Ѓорѓев, До. Бабунски (Ристовски 86), Петковски (Имери 67).

На тој начин, нашата У21 репрезентација ги загуби и теоретските шанси за првото место, иако остануваат во трката за второто кое носи плеј-оф, но и тоа во моментов изгледа невозможна мисија за оваа нова генерација.

Во групата 7 води Србија со 18 бодови, пред Русија (13), Австрија (12), Ерменија (7), Гибралтар (3) и Македонија (3).

Следниот квалификациски дуел за ЕП нашата млада репрезентација ќе го има на 7. септември на гостувањето кај Србија. До крајот на годината после таа средба се закажани уште три меча, на 11. септември против Ерменија (дома), на 12. октомври на гости со Русија и на крајот дома против Гибралтар.