У19: Македонија денеска против Швајцарија на стартот од евро-квалификациите!

По низата одлични резултати и успеси на македонските младински национални тимови, пласманот на Македонија до 21 година на Европското првенство, пласманот на Македонија до 17 години во Елитната квалификациска рунда на УЕФА за ЕП…

Посакувањата и желбите се и Македонија до 19 години да ја мине квалификациската група на која сме домаќини и ќе играме против Швајцарија, Белгија и Лихтенштајн.

Селекцијата предводена од селекторот Вујадин Станојковиќ денеска отвора против Швајцарија во 13:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.

Веруваме во оваа генерација. Тоа се фудбалери кои имаат исклучителен квалитет. Заедно сме неколку години, димскиот дух и карактерот на екипата е на високо ниво. Има предуслов да се надеваме на успех, но мора да бидеме истовремено и внимателни.

Противниците се анализирани, но најважно е ние како ќе изгледаме на терен. Сите се надеваме дека ќе го дадеме максимумот и ќе успееме да ја минеме квалификациската фаза“, вели селекторот Станојковиќ.

Дарко Чурлинов е еден од нашите адути за овој меч. Најмладиот дебитант во историјата на А репрезентацијата на Македонија смета дека нашето залагање и посветеноста треба да бидат на највисоко ниво.

Ќе дадеме се од себе за добар резултат. Сите сме подготвени и со нетрпение го очекуваме првиот дуел. Едноставно мора да веруваме во квалитетите, да излеземе на терен и да се бориме за националниот дрес. Верувам во позитивни резултати од турнирот“, вели фудбалерот на германски Келн.

Натпреварот Македонија – Швајцарија започнува во 13:00 часот, а ќе се пренесува во директен пренос на tv.ffm.mk

Во истиот термин на 11. ноември играме со Белгија, а последниот дуел на 14. ноември исто така во 13:00 часот против „аутсајдерот“ Лихтенштајн.