У19, ЕП квалификации: Македонија со пресврт до победа над Швајцарија! (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација до 19 години со триумф го започна квалификацискиот турнир за Елитната фаза за ЕП.

Селекцијата предводена од селекторот Вујадин Станојковиќ со конечен резултат 2:1 на стартот успеа да ја совлада Швајцарија и на тој начин голем исчекор кон првите две позиции кои водат во елитната фаза.

Угриниќ донесе водство за швајцарските надежи во 33. минута, а пресвртот се случи во второто полувреме кога најпрвин после ден изведен корнер највисок во противничкиот шеснаесетник беше Трајановски и со глава ја затресе мрежата за израмнување во 56. минута.

Пет минути подоцна играчот на Келн Чурлинов изнуди пенал кој го искористи Атанасов за поставување на конечниот епилог.

У19 Македонија: Стевковски, Антовски, Трајановски, Руфати, Тодороски, Атанасов, Тодоров, Трапановски (Ферукоски 53), Елмас, Чурлинов, Митровски (Стојчевски 81).

Следниот дуел „црвено-жолтите“ ќе го одиграат на 11. ноември (13:00 часот) против Белгија на Тренинг Центарот „Петар Милошевски“ – Скопје, а во истиот термин и локација на 14. ноември ќе се сретнат со „аутсајдерот“ Лихтенштајн.

Претходно Белгија славеше против Лихтенштајн со 3:0, па така заедно со Македонија водат во групата 5 со по три бодови.