Шкендија на пенали го „исфрли“ Работнички од Купот

Познат е и претпоследниот учесник во четвртфиналето од Купот на Македонија…

Откако на првиот натпревар беше 1:1, со истиот резултат се заврши и на реваншот во Тетово помеѓу екипите на Шкендија и Работнички како дерби во осминафиналната фаза.

Во регуларниот дел Радески многу брзо донесе водство за домаќинот уште во четвртата минута, а израмнувањето стигна во 79. минута, Херера се реши на удар од 20. метри откосо од левата страна и на еден фантастичен начин го совлада домашниот чувар на мрежата.

Патникот во следната фаза се дозна после пенал-рулетот каде што среќата не беше на страната на Работнички, откако два негови удари завршија во гредата, а голманот на тетовскиот клуб Захов го одбрани последниот пенал на младиот Тодоров.

Херера при првиот пенал ја погоди гредата, но во втората серија и Божиновски го одбрани ударот на Ибраими.

Сепак, во четвртата серија Митрев повторно ја погоди гредата, а откако Алими реализираше, Захов го одбрани пеналот на Тодоров. Шкендија со 3:2 на пенали обезбеди пласман во четвртфиналето од Купот на Македонија.