Се вратија победите на Палермо, мајсторија на Несторовски од слободен удар (ВИДЕО)

После три порази и едно реми во низа, Палермо им се врати на победите во италијанската Серија Б.

Клучни три бода во борбата за една од позициите кои водат наредната сезона во Серија А, откако на домашен терен убедливо со 4:1 триумфираше над Асколи.

Исто така, нов погодок имаше и македонскиот интернационалец Илија Несторовски кој го одигра целиот натпревар, поставувајќи го конечниот епилог на стадионот „Ренцо Барбера“ во 83. минута од средбата. За него ова е 12. гол сезонава во дресот на Палермо.

Вториот наш играч кај домаќините остана на клупата за резервни фудбалери. На табелата Палермо е моментно третопласиран со 47 бодови, зад водечките Емполи (51) и Фросиноне (50).

Во следното коло на 3. март избраниците на тренерот Тедино ќе и гостуваат на екипата на Парма.