Несторовски: Со победа над Финска да ја продолжиме позитивната низа!

Македонската А репрезентација ги финишира подготовките спроти утрешниот пријателски натпревар (17:00 ч.) против Финска на „Глорија“ арена во турски Белек.

Нашата репрезентација веќе четири дена е во Анталија и ќе се обиде да ја продолжи позитивната серија. Немаме пораз на пет меча во серија, а овие два дуели ќе бидат добра подготовка за премиерното издание на Лигата на Нации, кое почнува во септември.

Напаѓачот на Палермо, Илија Несторовски вели дека максимално сериозно се одработуваат подготовките и верува во нова победа на Македонија.

Тренираме максимално, имаме одлични услови за работа во изминатите четири дена. Финска е квалитетна селекција и ја сфаќаме сериозно.

Ги анализиравме нивните добри и помалку квалитетни страни и верувам дека со победа ќе ја подобриме одличната атмосфера во нашиот табор. Тоа секако ќе ни биде дополнителен мотив и за дуелот против Азербејџан“, вели Несторовски.

Со Азербејџан играме на 27. март на „Мардан“ арена, исто така во Белек.