Македонија напаѓаше, недостасуваше завршницата: Трпеливата Летонија до трите бода! (ФОТО, ВИДЕО)

Македонската У19 фудбалска репрезентација ја стартуваше елитната фаза на квалификации за ЕП со минимален пораз на ФФМ Тренинг центарот „Петар Милошевски“ – Скопје.

Избраниците на селекторот Вујадин Станојковиќ загубија со 1:2 (0:2) од селекцијата на Летонија, иако имаа поголема контрола на топката и повеќе шанси за реализација.

Колку поактивна беше нашата селекција говори и самата статистика што имаше вкупно 20 обиди, од кои седум во рамките на противничкиот гол. Од друга страна пак противникот имаше „само“ пет обиди од кои четири во рамките на голот, а за жал два завршија во мрежата на Стевковски.

Присутна беше желбата кај нашите фудбалери уште во првото полувреме да ги решат сите дилеми преку Митровски, Атанасов, Трајановски, Елмас…

А по некое непишано правило, кога нема да се реализираат шансите, воглавно доаѓа казната. Иако Летонците не беа толку доминантни, но дисциплинирано и трпеливо ја чекаше својата шанса. Тоа се случи во 42. мин. кога Самоиловс прими една топка во казнетиот простор и шутираше прецизно за водство од 0:1.

Не се предававме и покрај негативата, продолжуваа силните налети кон летонскиот гол, но во завршните моменти од акциите, недостасуваше последниот битен фактор, а тоа е реализацијата.

Одново, Летонците смирено ја чекаа својата нова можност и ја зголемија позитивата со еден прекрасен погодок на Самоиловс во 56. мин. од средбата.

Незадоволниот селектор Станојкоивќ се обиде со неколку замени да промени нешто во играта, до крајот нашите репрезентативци успеаја единствено да го ублажат поразот преку Митровски од пенал во 88. мин. Имаше шанса Македонија да извлече реми на овој дуел, но обидот на Ферукоски (90+2) беше неуспешен.

Македонија (У19): Стевковски, Маневски, Трајановски, Руфати, Тодороски, Атанасов (Колевски 69), Тодоров (Фазлагиќ 46), Чурлинов (Трапановски 57), Митровски, Ферукоски, Елмас.

Елитна фаза квалификации за ЕП 2018 Финска (У19)

Група 2

1. коло, резултати:

Македонија-Летонија 1:2
Унгарија-Англија 1:4

Табела:

1.Англија 3 бодови
2.Летонија 3
3.Македонија 0
4.Унгарија 0

Наредно, 2. коло (двојки):

Англија-Летонија (24. март, 14:00 ч.)
Македонија-Унгарија (24. март, 14:00 ч.)