Лига Европа: Вардар го одржа официјалниот тренинг на „Леркендал“! (ФОТО)

Вардаровата екипа го одржа официјалниот тренинг на стадионот „Леркендал“ во Трондхајм.

„Црвено-црните“ одработија полесен тренинг пред натпреварот в четврток (19:00 ч.) против Розенборг во рамките од второто коло од групната фаза од Лига Европа.

Стручниот штаб ги подговуваше последните тактички варијанти пред овој дуел со норвешкиот претставник, а македонскиот фудбалски шампион ќе се обиде да дојде до првите бодови во групата „Л“ во Лигата на Европа.

Шефот на стручниот штаб на Вардар, Чедомир Јаневски ги искажа своите очекувања:

Имаме респект за нашиот противник, затоа што има огромно искуство со европски натпревари. Но, ние веруваме во нашиот квалитет и веруваме дека можеме да стигнеме до позитивен резултат. Не би сакал никого да издвојам од противничката екипа, бидејќи тие се добри како колектив. Ги гледавме неколку пати оваа сезона, направивме добра анализа.

Подготвени сме да се надигруваме со противникот. Сите го знаеме Бендтнер кој што има играно во големи клубови, има многу вакви натпревари, но исто така Розенборг е екипа која што поседува одлични играчи во средината на теренот.

Не можам да кажам дека сигурно ќе победиме, тоа е тешко да се каже особено на вакви натпревари, но дојдовме тука да одиграме добар натпревар, и се наевам дека тоа ќе ни донесе позитивен резултат. И ние и Розенборг имавме лош старт во групната фаза од Лигата на Европа, и сега на некој начин двата тима ги посакуваме првите бодови“, вели Јаневски.

Нашиот тренер веќе има искуство со водење на екипа на стадионот „Леркендал“. Во 2005 година како тогашен помошник тренер на Олимпијакос, на овој терен Јаневски одигра нерешено 1:1.

Се сеќавам на тој натпревар, одигравме 1:1. Од она што знам дека не е лесно да се игра тука. Станува збор за типично скандинавска екипа која што физички е добро подготвена. Одлични се во воздушните дуели. Ќе бидат тоа, навистина, тешки 90 минути“, изјави шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“.

Фото: fkvardar.mk