„Комити“: Сакаме нашата песна после Розенборг да биде победничка!

В четврток од 21:05 часот на Националната Арена „Филип Втори“ – Скопје екипата на Вардар ќе го има последниот натпревар од дебитантската сезона во Лига Европа.

Дуелот против норвешкиот Розенборг е дефинитивно најголемата шанса за избраниците на тренерот Чедомир Јаневски да дојдат до првите историски бодови во ова УЕФА натпреварување.

Навивачката група „Комити“ на секој меч од групата Л ја даваше досега потребната поддршка за „црвено-црните“, така ќе биде и овојпат, со желба барем крајот да донесе насмевки и радости, а не тага и порази.

Покрај тоа што Зенит и Реал Сосиедад ќе се борат за првото место, Розенборг е сигурно трет и ќе дојде во главниот град без никаков резултатски притисок, па тоа е одлична шанса за Вардарци да ја израдуваат фудбалската јавност во Македонија.

Дојде време да се збогуваме со настапите во елитното натпреварување Лига Европа…Годинава беше добра школа за тоа со какви предизвици треба да се соочиме доколку сакаме да бидеме дел од ова друштво почесто и постојано…

Лекциите се научени, се судривме со клубови поорганизирани од нас, екипи кои знаат што сакаат, и безмилосни при нашите дуели…

Се соочивме со предизвикот да се настапува на три фронта, без да ги фокусираме силите посебно кон еден од нив, па со тоа шансите за титулата се сега само теоретски, во купот сме на работ на црвената линија и можноста да останеме без ниту еден трофеј, но доколку некаде треба да се фокусираме вистински иако немаме никакви шанси, и се е во рамките на престижот и оставање подобар впечаток, тоа е секако дуелот со Розенборг во Четврток…

Сакаме достојно да се збогуваме од елитното друштво, сакаме награда за напредокот во играта во последните дуели одиграни на гостински терен во Шпанија и особено во Русија…
Сакаме победничкиот менталитет од ракометниот дел од семејството биде пренесен и на фудбалскиот…

Сакаме нашата песна по завршувањето на овој дуел да биде победничка а не утешителна…
Сакаме на Европа да и најавиме дека во следните наши настапи од овој тип (веруваме многу скоро), ќе бидеме конкурентни за победа и пласман во натамошна фаза…

СОБИР: СОБОРЕН ХРАМ 18:30ч.
#Институција #ЕденЖивотЕднаЉубов #ЕвропаДовидувањеАНеЗбогум

-„Комити“