Јовановски: Да го продолжиме победничкиот ритам и против Ренова!

Работнички успешно ја комплетираше мисијата на „Железарница“, победувајќи го Скопје со 0-1 изминатиов викенд во рамкките на 27.коло од Првата лига, а веќе утре следи нов предизвик за тимот со гостување против Ренова во Тетово.

Тренерот Ѓоре Јовановски е задоволен од изданието што екипата го имаше на претходниот меч и посакува ритамот да се задржи и за пресметката против „гипсарите“.

Остваривме важна победа на едно тешко гостување. Скопје на негов терен оваа пролет не успеаја да го победат ниту Шкендија, ниту Вардар, а ете ние освоивме три значајни бода. Честитки за фудбалерите за прикажаната игра, за борбеното издание, и се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам и против Ренова.

Ќе биде тоа ново искушение, теренот е одличен на Градскиот стадион во Тетово и ќе ги имаме сите услови за вистинско надигрување.

Ренова е квалитетен тим, ги респектираме, но и веруваме во своите квалитети. Јас сум тренер кој се обидува да ги користи сите потенцијали во тимот, секој играч е важен и ќе добие шанса да даде придонес за Работнички до крајот на сезоната“, вели Ѓоре Јовановски.

Натпреварот меѓу Ренова и Работнички ќе се одигра утре, со почеток во 16 часот на Градскиот стадион во Тетово, а ќе го суди Јован Качевски од Струга.

Фото: fkrabotnicki.com