Јаневски: Заслуживме три бода, Вардар треба да излегува почесто во групни фази!

Шефот на стручниот штаб на Вардар Чедомир Јаневски, по завршувањето на натпреварот со Розенборг (1:1) на прес-конференција истакна дека тимот требало да освои три бода.

Дека овој еден бод не ги задоволува вкусовите, после она што се случуваше на теренот и многуте шанси кои „црвено-црниот“ тим ги имаше во мечот со норвешкиот тим.

Сакам да им честитам на моите фудбалери за одлично одиграното прво полувреме во кое доминираа, создадовме шанси и бевме надмоќни. За жал, таа надмоќ и тие шанси после 90. минути не донесоа три бода.

Во вториот дел морам да признаам дека паднавме малку, што е нормално, затоа што не може да се одигра во исто темпо цел натпревар, иако и во тој период имавме шанси. Мислам дека заслуживме три бода, но фудбалот е таков и сакам уште еднаш да упатам честитки до оваа генерација на Вардар која направи историја со пласманот во Лигата на Европа.

Очекувавме многу повеќе, сакавме да освоиме повеќе бодови. Со еден бод не можеме да бидеме задоволни“, рече Јаневски.

Запрашан како е задоволен од сите шест натпревари во Лигата на Европа, и кој дел може да се издвои како позитивен од настапот во групната фаза, стратегот на „црвено-црните“, одговори:

По влегување во оваа група рековме дека немаме такво искуство како другите противници. Нашата цел беше да добиваме искуство на овие натпревари, и да ни бидат еден патоказ како е да се биде дел од ова натпреварување, дека не е лесно како што изгледа.

Игравме по три натпревари во неделата и сите овие мечеви бараат многу повеќе. Бевме принудени многу да ротираме, и знаевме дека на некои натпревари ќе губевме во организацискиот дел, и се виде дека после европските натпревари, во домашното првенство губевме бодови.

Сметам дека Вардар треба да излегува почесто во групни фази, и тоа е добро за клубот, за фудбалерите, за стручниот штаб, за публиката и воопшто за Македонија“.