Италијанците воодушевени од новиот комплекс на Академија Пандев

По написот во францускиот портал footbalski.fr, Академија Пандев денеска е интересна и за два италијански медиуми.

Станува збор за познатиот фудбалски портал calciomercato.com и весникот Ла Република кои излегоа со репортажи за македонскиот прволигашки клуб.

Порталот е воодушевен од нашиот тренинг комплекс кој е во фаза на изградба и треба да биде готов идната година, додека Ла Република е фасцинирана од брзиот подем на оваа фудбалска школа.

„Над 15 тренери и скаути работат со повеќе од 1.000 деца внимателно селектирани во секое ќоше од државата. Но, клубот не застанува тука. Во фаза на изградба е еден од најсовремените фудбалски комплекси во тој дел од Европа.

Во него има повеќе игралишта за тренинг, ресторан, сала за вежбање и музеј на Горан Пандев во кој ќе бидат изложени сите трофеи на најдобриот македонски фудбалер во кариерата”, пишува, меѓу другото, во репортажата на calciomercato.com која целосно можете да ја прочитате на овој ЛИНК.

Нешто слично пишува и Ла Република која особено внимание посветува на желбата на Горан Пандев да ја направи најквалитетната фудбалска академија на Балканот.

Фото: fkakademijapandev.mk