И Работнички верува во триумф против шампионот Вардар

Откако претходно тоа му успеа на составот на Победа од Прилеп…

Триумф на македонскиот фудбалски шампион Вардар посакува и тимот на Работнички кој веќе ја остави зад себе победата над битолски Пелистер (2-0) и веќе комплетно се фокусира на следниот предизвик, градското дерби в среда против Вардар.

Бранителот на трофејот во првенството е голем предизвик, особено за младиот и талентиран играч за врска кај „романтичарите“, Миле Тодоров. 18-годишниот фудбалер се наметна со добрите игри оваа сезона, а сега ќе го игра својот прв дерби натпревар против Вардар.

Можам да кажам дека победата над Пелистер ни дојде во вистинско време. За да ја вратиме самодовербата и да се мотивираме уште подобро пред дуелот со Вардар. Се надевам дека ќе продолжиме со уште подобри изданија во наредниот период, и против Вардар ќе ја повториме играта од неделниот меч со Пелистер.

Во таков случај, верувам дека ќе успееме да оствариме позитивен резултат и против шампионот. За мене тоа ќе биде прво дерби со „црвено-црните“ во сениорска конкуренција, се надевам дека ќе има и среќен епилог“, вели младиот Миле Тодоров.

Работнички ќе го пречека Вардар со почеток во 14:30 часот, на Националната Арена „Филип Втори“, во рамките од 12. коло од Првата лига. Главен судија на овој натпревар ќе биде Димитар Мечкаровски од Скопје.

Фото: fkrabotnicki.com