Голема шанса за пласман на ЕП: Квалификацискиот турнир У19 ќе се игра во Скопје!

Македонските репрезентација до 19 години ќе игра против Англија, Унгарија и Летонија во елитната група за пласман на ЕП 2018.

Квалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство ќе го организираме во Скопје кон крајот на март идната година.

Нашата надежна репрезентација одиграа перфектно во групната фаза во Скопје, победувајќи на сите три натпревари и завршија како првопласирани, пред Белгија, Швајцарија и Лихтенштајн неодамна исто така во главниот град на ФФМ Тренинг Центарот „Петар Милошевски“.

Избраниците на селекторот Вујадин Станојковиќ сега ќе го имаат последниот голем предизвик, пред посакуваниот пласман на завршницата на континенталниот собир. Македонија е носител во елитната група.

Задоволен сум од исходот на извлекувањето во Нион, мислам дека имаме голема шанса за нов, историски резултат.

Групата е силна, но можеме да се надигруваме со сите, впрочем, тоа го потврдивме со пласманот во Елитната фаза и трите победи против Белгија, Швајцарија и Лихтенштајн.

Мислам дека и нашата публика ќе има можност да ужива во натпреварите, ќе играме на домашен терен, за тоа се изборивме и мораме да бидеме задоволни“, изјави Вујадин Станојковиќ, селектор на Македонија до 19 години.

Квалификациите во сите групи мора да завршат до 20 мај, а само најдобрите од сите седум групи ќе бидат дел од завршницата на Европското првенство кое ќе биде во Финска, од 16 до 29 јули наредната 2018. година.