Барди: Примера е најдобрата лига на светот, со Леванте сакам да играм во ЛШ или Лига Европа! (ВИДЕО)

22-годишниот македонски репрезентативец говореше во интервјуто за шпанската Примера.

Енис Барди кој неодамна беше прогласен за најдобар македонски фудбалер во странство, од оваа сезона ги брани боите на шпанскиот клуб Леванте.

Има фантастична 2017 година, пред да се пресели на Пиринеите, имаше убави моменти во дресот на унгарската екипа Ујпешт, потоа и настапувајќи за У21 националниот тим на ЕП во Полска, а во мундијалските квалификации го постигна и дебитантскиот гол за сениорите.

Играчот за врска во нападот е вистинско откритие во најквалитетната шпанска лига, што доволно говори и самото интервју кое го направија за нашиот интернационалец на кој му предвидуваат голема иднина.

Навистина добро е чувството да се биде овде како дел од Леванте. Се чувствувам навистина многу добро. Секогаш си велев дека ова е мојот сон кога бев помлад. Благодарение на Господ дојдов тука и го живеам мојот сон.

Отсекогаш сакав да дојдам во Примера, затоа што за мене таа е најдобрата лига на светот. Тука е најдобриот фудбалски квалитет. Знаев дека тука можам повеќе да напредувам. Од мечевите, од тренинзите. Од атмосферата, од сè. Ќе биде многу добро искуство за мене.

Не размислував многу околу одлуката дали да играм за Леванте. Кога дознав за тој интерес, знаев дека беше Леванте, дека станува збор за Примера и веднаш потпишав договор.

Првите денови кога дојдов овде си помислив дека нема да биде лесно, бидејќи не зборувам добро шпански јазик и другите момци не зборуваат добро англиски. Но, од првиот ден бев многу добар со нив, тие ме прифатија многу добро. Се обидоа да ми помогнат во секоја ситуација. Се чувствувам многу добро.

Се работи за многу добар тим. Се обидува да го покаже најдоброто. Јас го давам максимумот на теренот. Сите ме прифаќаат и воедно сега се обидувам да бидам подобар во мојот шпански јазик и на тој начин биде уште полесно.

Се обидувам да работам и се докажам себеси. Сакам да постигнувам голови и бидам подобар. Но, најважното е клубот да ги постигне своите цели на крајот од сезоната, како што е опстанокот во Примера. Ако го оствариме тоа, ќе ги погледнам моите индивидуални успеси како головите или асистенциите. Ако тоа не се случи, тогаш другото не е важно.

Доколку помогнам со повеќе голови, тоа ќе биде одлично за мене и за целата екипа. Првиот гол во Примера го постигнав против Депортиво Ла Коруња, тоа беше специјален погодок за мене, од слободен удар. Бевме во негатива од 2:0 и јас намалив и тимот играше подобро, помотивирано. Не знам како да го објаснам чувството, беше навистина многу добро чувство, беше неверојатно.

Уште како млад тренирав слободни удари, секогаш ги шутирав. Кога дојдов во Левенте исто така мислам дека ги подобрив слободните удари. Се трудам да ги изведам најдобро, понекогаш не оди топката во посакуваниот правец,  тоа е нормално. Но, јас секогаш на тренинзите останувам да вежбам и шутирам. Мислам дека што повеќе тренирате, тоа подобро за вас.

Кога бев во Унгарија имаше едно многу големо дерби, Ујпешт против Ференцварош. Секогаш помислував да постигнам гол против Ференцварош. Ја погодив стативата, имав шанси, на крајот не успеав. Кога дојдов тука, знаев за Леванте и Валенсија (исто така градско дерби), постигнав гол против Валенсија и бев навистина среќен.  Истото сакам да го направам и на „Местаља“.

Мојот сон е со Леванте да настапуваме во Лигата на шампионте или Лига Европа. И зошто да не постигнам 15 голови или реализирам неколку асистенции. Имам многу соништа. Сакам само да играм фудбал, да уживам и сега сум во најдобриот момент, јас сум во Примера“, рече Барди.

Досега во Примера сезонава има вкупно 14. настапи и четири голови, од кои поголемиот дел мајстории од слободни удари, а да не ги заборавиме и погодоците од пријателските мечеви.

Моментно Леванте не котира добро на табелата, на 15. место со 16 бодови и во следното коло на 15. декември ќе и гостува на Севиља, а можно е поради повреда Барди да го пропушти овој меч.

Од друга страна, Леванте успешно настапува во Копа дел Реј, неодамна го доби противникот во осминафиналето, Еспањол.

ВИДЕО ЗАПИСОТ И ИНТЕРВЈУТО НА ЕНИС БАРДИ ЗА „ЛА ЛИГА“ МОЖЕТЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА