Бабунски: Беше убаво да се видат навивачи на Јокохама, да се подготвиме добро за „Император Куп“! (ВИДЕО)

23-годишниот македонски фудбалер од средниот ред ја одигра својата прва сезона со Јокохама Ф. Маринос во првата јапонска Џеј лига.

Давид Бабунски во тамошниот шампионат имаше 20 одиграни натпревари и реализираше три голови против Церезо Осака, Консадоле Сапоро и Урава Редс. Севкупно (вклучувајќи ги и мечевите од купот) забележа 26 мечеви, и воедно една асистенција.

Неговиот клуб во првенството после 34. кола го освои петтото место оваа сезона со 59 бодови, додека титулата ја освои Кавасаки Фронтале со 72 бодови колку што имаше и второпласираната екипа на Кашима Антлерс, но Кавасаки остана на врвот со подобра гол разлика, плус и беше подобар во меѓусебните дуели.

Бабунски беше дел од свечената церемонија каде што беа избрани најдобрите играчи, тренери, судии и клубови на годината во јапонската Џеј лига во „Јокохама“ Арената.

Имав прекрасно искуство од настанот каде што се доделуваа наградите за 2017 во јапонската лига, опкружен со сите тие одлични играчи.

Честитки до тимовите кои што ја освоија титулата оваа сезона, на сите играчи и тренери кои добија поединечни награди и посебно за сите луѓе, спонзори и компании вклучени во организирањето на Џеј-лигата на еден таков извонреден и професионален начин.

Беше убаво да се видат навивачи на Јокохама Маринос, ви благодарам на сите за вашата поддршка. Да се подготвиме добро за „Император куп“, вели Бабунски.

На 23. декември ќе се одиграат полуфиналните натпревари од јапонскиот национален куп, Бабуски со Јокохама Ф. Маринос во Кавасаки ќе ги одмерат силите против Кашива Рејсол, додека Церезо Осака ќе се соочи со Висел Кобе.

Победниците ќе играат во големото финале закажано за 1. јануари 2018. година во Сајтама.