Акциона недела за борба против расизмот и национализмот во фудбалот

Македонскиот Центар за Култура и Развој и Фудбалската федерација на Македонија на денешната прес-конференција ги презентираа активностите повзани со одбележување на ФАРЕ АКЦИОНАТА НЕДЕЛА 2017 – за борба против расизмот, национализмот и сите форми на дискриминација во фудбалот.

М-р Нелко Нелковски, Претседател на МЦКР подвлече:

МЦКР како национален ФАРЕ координатор, традиционално секоја година ја организира ФАРЕ Акционата недела во соработка со Фудбалската федерација на Македонија.

Оваа година акционата недела се организира во 50 земји со повеќе од 2.000 активности насочени кон кревање на свеста за инклузивно општество и надминување на сите видови на дискриминација во спортот, особено во фудбалот како најпопуларна планетарна игра.

Оваа година една од темите на ФАРЕ Акционата недела е инклузија на бегалците на европскиот континент и МЦКР како своја посебна активност ќе организира „Фестивал за интеграција на бегалците преку фудбалот“.

Филип Поповски, генерален секретар на ФФМ истакна:

Фудбалската федерација на Македонија го искажува своето задоволство од соработката со Македонскиот Центар за Култура и Развој и се вклучува во одбележувањето на ФАРЕ Акционата недела во фудбалот.

На сите натпревари од Првата фудбалска лига во колото кое ќе се одигра на 14 Октомври, пред почетокот на натпреварите ќе бидат истакнати пароли со содржина „НАЦИОНАЛИЗМОТ И РАСИЗМОТ НАДВОР ОД ФУДБАЛОТ„ и ќе бидат покажани црвени картони со ист натпис, од сите учесници во натпреварот – играчите на двата тима и судиите.

ФФМ постојано посветено работи во надминување на сите аномалии во фудбалот, преку целата година со различни активности на сите нивоа“.